Ѓорѓе Јовановиќ автор на овогодинешниот постер за Скопскиот џез-фестивал 2025

Македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, чија врска со Скопскиот џез-фестивал започнала уште во 1996 година кога бил средношколец, годинава ја има честа да биде автор на официјалниот постер за фестивалот.

Љубовната приказна помеѓу Ѓорѓе Јовановиќ и Скопскиот џез-фестивал започна уште во 1996 година – а годинава кулминира со честa токму тој да го изработи официјалниот постер за фестивалот.

„Овој фестивал длабоко го обликуваше мојот музички вкус и светоглед,“ вели Јовановиќ, присетувајќи се на незаборавните концерти на Џон Лури и The Lounge Lizards, Џанлуиџи Тровези, Раби Абу Халил и многу други. Со текот на годините, преку Скопскиот џез-фестивал македонската публика имала ретка можност да ги слушне и види легендите на џезот како Орнет Колман, Пат Метини, Херби Хенкок и Чик Кореа.

„Голема чест и огромна радост е што Оливер Белопета и неговиот тим ме поканија да го изработам постерот за годинашното издание. Ви благодарам – се гледаме во октомври!“ порача уметникот.

Скопскиот џез-фестивал, кој е еден од најзначајните музички настани во регионот, оваа година ќе се одржи во октомври и повторно ќе понуди богата програма со врвни светски и домашни џез-имиња.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни