Во Србија има сериозна ескалација. Буквално сме на работ на граѓанска војна. Се надевам дека ситуацијата малку ќе се смири, но нема знаци за тоа, порача српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во врска со масовните протести против режимот на претседателот Александар Вучиќ.
Популарниот Ноле изрази длабока загриженост за ескалацијата на немирите во Србија.
За време на прес-конференцијата пред почетокот на турнирот на Отвореното првенство на САД, Ѓоковиќ рече дека општата атмосфера во земјата го направила спортот второстепена грижа за многу граѓани.
Во врска со преместувањето на АТП турнирот, кој првично беше планиран во Белград, а сега ќе се одржи од 2 до 8 ноември во Атина, во затворената кошаркарска сала ОАКА, Ѓоковиќ го рече следново: „Се што можам да кажам е дека не сакавме да го преместиме турнирот, но за жал, така стојат работите“. Тој ги пофали грчките домаќини, истакнувајќи го нивниот ентузијазам и растечката популарност на тенисот во Грција благодарение на играчи како Стефанос Циципас и Марија Сакари.
„Едвај чекаме бидејќи турнирот ќе се одржи на ОАКА, што е голем и прекрасен стадион. Се надевам дека посетеноста ќе биде голема“, рече и Новак Ѓоковиќ, цитиран од „Катимерини“.