Звук без граници и публика што расте со бендот

Белградскиот бенд S.A.R.S (Sveže amputirana ruka Satrijanija) повеќе од петнаесет години важи за едно од клучните имиња на урбаната музичка сцена на Балканот. Препознатливи се по својот уникатен спој на поп, рок, хип-хоп, реге и балкански ритмови, кој го придружуваат искрени текстови со хумор, емотивност и суптилна, но ударна социјална критика.
Нивните песни не се само хитови, тие се жесток одраз на секојдневието, на проблемите и радостите на „обичниот човек“, што им овозможи да израснат во генерациски бенд кој го слушаат и младите и тие што пораснале со нив.
Во Скопје се враќаат на 22 ноември со концерт во Public Room, а токму со нашиот град ги поврзуваат важни почетоци – овде се случи еден од нивните први настапи надвор од Србија, кога сфатиле дека нивната музика станала регионален јазик за заедничко чувство.

S.A.R.S пред концертот во Скопје: Тука беше местото каде првпат сфативме колку далеку стигнала нашата музика

На самиот почеток на разговорот S.A.R.S велат – „Еден од првите настапи на бендот надвор од Србија се случи токму во Скопје, и тогаш за првпат сфативме колку брзо нашата музика се проширила низ целиот регион. Во неверување гледавме и слушавме како поголемиот дел од публиката ги пее со нас сите песни од збор до збор, цела вечер.Наскоро ќе се дружиме во Public Room, каде што досега не сме настапиле, но сигурен сум дека ќе направиме луда журка каква што Скопје ја заслужува“.

Трн: Секогаш велите дека вашите концерти не се само свирка, туку заедничко искуство со публиката. Како ја паметите скопската публика и што очекувате од настапот во Public Room?

S.A.R.S: Во Скопје имаме голем број концерти зад нас и многу убави спомени не врзуваат и за градот и за публиката која нè следи. Еден од првите настапи на бендот надвор од Србија се случи токму во Скопје, и тогаш за првпат сфативме колку брзо нашата музика се проширила низ целиот регион. Во неверување гледавме и слушавме како поголемиот дел од публиката ги пее со нас сите песни од збор до збор, цела вечер.
Наскоро ќе се дружиме во Public Room, каде што досега не сме настапиле, но сигурен сум дека ќе направиме луда журка каква што Скопје ја заслужува.

Трн: Вашите песни често спојуваат хумор и социјална критика. Колку е денес тешко да се остане искрен и ангажиран преку музика, а притоа да не се загуби забавниот дух и допадливоста?

S.A.R.S: Многу е тешко, посебно кога гледаш дека со текот на годините и децениите одредени работи воопшто не се менуваат на подобро. И покрај тоа, мора да го задржиме ведриот дух и позитивната мисла, затоа што во спротивно, сите тие работи што ни пречат ќе ни го одземат и малото парче нерви и радост што ни останале.

Трн: Од „Буџав лебац “ до „Перспектива “ и „Ратујемо ти и ја “, вашите песни звучат како дел од секојдневниот живот. Кој момент од реалноста денес најмногу ве инспирира за нови песни?

S.A.R.S: По толку години, тешко е да се најде инспирација да се опишат актуелни настани или состојби во општеството на духовит и паметен начин, без да се повторуваме или да западнеме во баналност. Се трудиме да најдеме нов агол за да ги опишеме работите што во моментот ни пречат во општеството. Политичарите и нивното агресивно однесување се секогаш непресушен извор на инспирација.

Трн: „Перспектива “ стана генерациска химна. Дали очекувавте дека реченицата „Свима нам је, свима, сива перспектива“ по повеќе од десет години ќе биде сè уште актуелна?

S.A.R.S: За жал, како што малку претходно кажав, некои работи кај нас се менуваат многу бавно или воопшто не се менуваат. Затоа и не е чудно што таков поглед на состојбите во општеството, напишан пред повеќе од една деценија, и денес е актуелен во овие простори.

Трн: Звук без граници и публика што расте со бендот. Вашиот звук е мешавина од повеќе жанрови. Дали мислите дека токму таа слобода е клуч за вашата долготрајна популарност?

S.A.R.S: Не знам дали е тоа најважниот фактор за нашата истрајност и популарност, но дефинитивно ни помогна во создавањето на нови песни. Ни даде слобода да се движиме во насоката која ја посакуваме, без да чувствуваме потреба да се држиме строго до одреден жанр.

Трн: Колку се S.A.R.S променети од почетоците до денес? Дали го чувате бунтовниот дух од првите години?

Се трудиме да го задржиме, иако со текот на годините сè повеќе се свртуваме кон убавите теми – како љубовта.

Трн: Вашите текстови допираат до сите генерации. Како успевате да останете релевантни и кај младите кои допрва ве откриваат?

Не се обидуваме по секоја цена да ги следиме трендовите. Пишуваме искрено што чувствуваме, и за наша среќа, различни генерации се поврзуваат со нашите песни. Секогаш ни е драго кога во публиката гледаме и млади луѓе и родители со мали деца кои заедно уживаат.

Трн: Опишете ја вашата публика со три збора.
S.A.R.S:
Разновидна, посебна и гласна.

Трн: „Кукла “ стана балкански класик. Дали некогаш ви пречи што секогаш ја бараат на концертите?

S.A.R.S: Секако дека не пречи. Прво и основно, благодарни сме што имавме можност да создадеме песна која ќе нè надживее. Секојпат е задоволство да ја изведуваме заедно со публиката. Да се оствариш на таков начин како уметник е непроценливо.

Трн: Кога не сте на сцена, што ве полни со енергија, тишина, патувања или луѓето и улиците од кои црпите инспирација?

S.A.R.S: Сите тие работи. Кога не сме на настапи, сакаме мир, осаменост или време со драги луѓе. Пешачeњaта во природа и патувањата до интересни дестинации се исто така нешто што го сакаме и што ни ги полни батериите по напорни турнеи.

Трн: По Скопје и актуелната турнеја, што може публиката да очекува од S.A.R.S во 2026 година?

S.A.R.S: Следната година славиме 20 години од формирањето на бендот, па затоа во план имаме неколку интересни проекти кои сакаме да ги реализираме до крајот на оваа и во текот на следната година. Не би откривал премногу детали, но многу брзо ќе дознаете што ви подготвуваме. Следете нè на социјалните мрежи за да бидете во тек со тоа што „се готви“ во S.A.R.S кујната.

Разговарала: Ана Василевска

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни