Звонко Димоски: „Прилеп е средношколски град“

Објавуваме фејсбук статус на новинарот, критичар и автор Звонко Димоски, кој зборува за значењето на младинската активност и колективната одговорност. Тој реагира на сè помалото присуство на средношколците на мирните градски собири, посочувајќи на парадоксалните изјави на училиштата – дека нема забрани, но учениците сепак не се таму.

Димоски поставува клучни прашања: Како ги учиме младите на емпатија и соживот ако ги задржуваме во училници? Дали вистинската опасност е народот кој тивко стои со свеќа и цвеќе, или нешто сосема друго?

Во прилог целиот статус:


Прилеп е средношколски град.

Познавам многу прекрасни средношколци, а голем дел од нив делуваат не само во својата средина, туку и се трудат да бидат активен и инспиративен чинител во/за градската заедница. Деновиве, како што сѐ повидливо и поочигледно е нивното помало присуство на мирните градски собири и маршеви, така сѐ побројни се изјавите на средните училишта дека нема забрани за учество на собирите, што пак еднозначно говори дека сепак не се работи за шпекулација.

Официјалните изјави на училиштата дека учениците “може да учествуваат во собирите во нивното слободно време”, или пак на некои наставници “дека ги штитат од опасност и криза”, со сета почит, се малку бесмислени.

Кога се случуваат вакви трогателни настани, кога најважно е да бидеш со/за сопствените врсници и својот народ, како вие ги учите децата на сочувство, соживот, емпатија? Со чување во училница, со убедување дека не треба да излезат а сакаат, со поучување дека не треба да имаат сопствено мислење итн., за жал го правите токму спротивното, ја засилувате нивната веќе осакатена емоционалност, непочитта кон вас, го поттикнувате недостигот на чувство за колективна одговорност, и најважното, им го одземате моментот кога повторно, по стотти пат, пробуваме да делуваме и создаваме заедништво и заедничка културна и општествена меморија.

Тие, токму сега, и токму заедно со вас, треба да искусуваат и доживуваат колективни собири и колективна тага, за да во иднина умеат да чувствуваат и реагираат посоодветно од, за жал, повеќето нивни сегашни наставници/професори.

И за каква опасност/криза зборувате, па треба да ги заштитите учениците?

Опасност/Криза при масовни собири е кога по улиците има немири, вооружени полицајци, тенкови, а не кроток и потиснат народ со цвеќе и свеќа в рака.

Односно, повторно, во другите градови може, ама во Прилеп не бива.

„Излезете заедно со нив. Градски плоштад, 18 часот.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни