Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, денеска сведочи на судење во САД поврзано со наводна зависност на младите од социјални мрежи. Постапката се води по тужба во која се тврди дека Инстаграм и други платформи биле намерно дизајнирани за да создаваат зависност кај младите корисници.
Закерберг е повикан да сведочи од страна на адвокатите на тужителите, кои наведуваат дека алгоритмите и дизајнот на платформите поттикнуваат продолжена употреба и штетни навики кај малолетници.
Претходно, на 11 февруари, сведочеше и шефот на Инстаграм, Адам Мосери. Тој изјави дека не го прифаќа концептот на „зависност од социјални мрежи“ и дека компанијата претпочита да зборува за „проблематична употреба“. Мосери направи споредба со гледање телевизиска серија до доцна во ноќта, наведувајќи дека тоа не претставува клиничка зависност.
На рочиштето сведочеше и психијатарката Ана Лембке, која објасни дека социјалните мрежи може да делуваат како „влезна дрога“ кај млади лица, имајќи предвид дека нивниот мозок сè уште е во развој.
Во текот на судењето беа разгледувани и интерни комуникации во компанијата, поврзани со одлуката во 2020 година да се дозволат филтри за козметичка хирургија на Инстаграм, и покрај предупредувањата за можни негативни ефекти врз младите девојки. Дел од раководството инсистирало на нивно повторно воведување поради конкуренцијата со други платформи.
Постапката во Лос Анџелес се одвива паралелно со сличен национален случај пред федерален судија во Оукленд, Калифорнија. Компанијата „Мета“ овој месец се соочува и со судење во Ново Мексико, каде што тужителите тврдат дека профитот бил ставен пред заштитата на малолетниците.
Сведочењето на Закерберг се очекува да биде клучен дел од постапката, која може да има пошироки последици за регулацијата на социјалните мрежи и нивното влијание врз младите.