Уште една жртва на скопските коловози: Почина жена прегазена на „Народен фронт“

Возачот што ја удрил 75-годишната жена во центарот на Скопје и натаму е во бегство, полицијата врши увид

Жената која денеска беше прегазена на улицата „Народен фронт“ во центарот на Скопје, починала попладнево од здобиените повреди, информираат од Ургентниот центар каде што била хоспитализирана по сообраќајната несреќа.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 11:30 часот, во близина на трговскиот центар „Зебра“, кога со патничко возило била удрена пешачката Љ.Ј., на возраст од околу 75 години. Возачот по ударот го напуштил местото на настанот и избегал.

Повредената била пренесена со возило на Итна медицинска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, но и покрај напорите на лекарите, таа подоцна им подлегнала на повредите.

На местото на несреќата во текот на денот биле видливи траги од ударот – крв на асфалтот, скршен ретровизор и делови од пластика од возилото. Полицијата и понатаму врши увид и трага по возачот кој учествувал во несреќата.

Сообраќајот на улицата „Народен фронт“ се одвиваше по една коловозна лента, при што движењето беше дополнително отежнато поради паркирани возила. Иако на местото нема обележан пешачки премин, граѓаните често ја преминуваат улицата токму таму, бидејќи во близина се наоѓаат детско игралиште и клупи за седење, што ја прави оваа локација фреквентна за пешаци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни