„Зрно“ со богата меѓународна програма на фестивалот „Аналогманија“ во Темишвар

Во понеделник, 13ти Октомври, во Темишвар, Романија, фестивалот „Зрно“ ќе учествува на „Аналогманија“ – меѓународен фестивал посветен на аналогна фотографија, филм и музика. Настанот е дел од пошироките активности на „Зрно“ за промовирање и ширење на аналогната култура во Европа и Зрно фестивалот е препознат ширум Европа како значаен промотор на аналогниот пристап во современата уметност и станува јадро на алтернативната фотографија во Европа.

„Дел од мисијата на Зрно е да ја шири културата на благоридните фотографски постапки, на домашна сцена но и на меѓународен план но и да ја промовира македонската култура во светот. Имаме добра соработка со Аналогманија каде што сум куратор за фотографија и со ФК Ирис од Темишвар – изјави за Трн директорот на Зрно фестивалот Сашо Алушевски и додаде – Минатите години го прикажувавме филмот: Манаки, приказна во слики, на Роберт Јанкулоски и приказната за нашите генијални фотографи и сниматели предизвика голем интерес кај романската публика.

Сашо Алушевски

Филмот исто така сме го прикажувале и на учесниците на нашите работилници, кои се претежно од странство, како промоција на нашето културно наследство. Годинава, имавме идеја на работилниците за аналогни фотографски постапки да им понудиме на учесниците дел од своите изработки да ги направат од негативи на браќата Манаки, кои ги добивме од Архивот на Македонија-одделение Битола, со кои неверојатно љубезно и професионално соработувавме. Јас направив неколку аналогни фотографии од тие негативи и нив ќе ги изложиме во Темишвар. Исто така, во организација на Зрно се и другите настани, наведени во текстот. 

Зрно навистина стана европски инкубатор за аналогна фотографија, годинава, под мотото ФотоСинтеза, обединивме над 250 фотографи од целиот свет и, иако на домашен план не сме доволно препознати, тоа не е случај надвор од земјава, каде многу добро се знае за Зрно“ заклучи Алушевски.

На фестивалот „Аналогманија“, „Зрно“ ќе претстави:

  • Исчезнување во пејзажотавторска изложба на  Сара Сасани (Иран) 
  • Гора – стебла, авторска изложба на  Стиг Марлон Вестон (Норвешка)
  • Ева Ристиќ и Време за чај – авторска изложба Емилија Сандиќ (Србија)
  • Воскреснување на старите мајстори: оживеани негативи од браќата Манаки, Зрно во соработка со Државниот архив на Македонија – Сашо Алушевски
  • Во рамките на фестивалот, Сашо Алушевски ќе претстави неколку дела на македонските пионери на фотографијата и филмот – браќата Манаки, отпечатени на традиционален начин, со благородни историски фотографски техники – Ван Дајк и Цијанотипија.
  • Изложба: „Sehschärfenbestimmung“ (корекција на диоптријата)

60 уметнички пристапи кон аналогната фотографија

Во организација на galerie.guerilla од Виена и Зрно, оваа изложба претставува разновиден спектар на креативни процеси засновани врз аналогни техники и естетики. 60 уметници, повеќето од Европа, се претставени со внимателно избрани дела. Изложбата нуди богат мозаик на идеи, концепти и визуелни истражувања, охрабрувајќи ги посетителите да се поврзат со визијата на секој автор. Меѓу учесниците се и повеќе македонски автори: Ангела Грозданов, Анѓела Танчевска, Филип Ицовски, Ивана Цветаноска, Јелена Велинова, Кети Талевска Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам и Сашо Алушевски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни