Зрелоста на бананата влијае врз организмот: Mоже да помогне, но и да одмогне

Иако ретко размислуваме за тоа, степенот на зрелост на бананата може значително да влијае врз тоа како таа делува на организмот.

Како што зрее, нејзиниот состав се менува: скробот постепено се претвора во шеќер, се менува количината на влакна, како и одредени хранливи вредности. Затоа, не е исто дали бананата ја јадете како брз извор на енергија пред тренинг или ако внимавате на внесот на шеќер, на пример поради дијабетес.

Нутриционистите објаснуваат дека секоја фаза на зрелост има свои предности и недостатоци и дека изборот зависи од потребите на организмот.

Незрела, зелена банана, која е потврда, потешко се лупи и има побрашнест вкус, содржи најмногу отпорен скроб и најмалку шеќер. Овој вид скроб делува слично како влакната, се вари побавно, ги храни „добрите“ цревни бактерии и помага во одржување постабилно ниво на шеќер во крвта. Поради тоа, зелените банани подолго заситуваат и се добар избор за лица со инсулинска резистенција, предијабетес или дијабетес тип 2. Сепак, поради потешката дигестија, не се најсоодветни пред физичка активност.

Бананите кои се само делумно зрели, претежно жолти, но со малку зелени делови на краевите претставуваат баланс меѓу скробот и шеќерите. Во оваа фаза тие сè уште имаат солиден удел на влакна, додека природните шеќери постепено се зголемуваат. Минералите како калиум и магнезиум остануваат стабилни. Овие банани се препорачуваат за луѓе кои сакаат умерен и постабилен извор на енергија во текот на денот, како и за оние што сакаат придобивки за дигестијата без изразен побрашнест вкус.

Целосно зрелата бананажолта, мека, лесна за лупење и со сладок мирис е најчестиот избор. Во оваа фаза поголемиот дел од скробот е претворен во природни шеќери, а количината на влакна е помала. Истовремено, расте уделот на антиоксиданси, а витамините и минералите се на високо ниво. Таквите банани се добар избор за деца, за лица кои се подготвуваат за вежбање и за оние на кои им е потребен зголемен внес на калиум, особено при покачен крвен притисок.

Многу зрелите банани, со кафеави дамки и поинтензивен мирис, имаат уште повисок удел на шеќери и уште помалку влакна. Тие се лесни за варење и погодни за луѓе со чувствителен желудник или слаб апетит, како и кога е потребна брза енергија. Сепак, за лицата кои внимават на нивото на шеќер во крвта, овој избор треба да биде поумерен.

Презрелите банани, кои стануваат кафеави или речиси црни, често завршуваат во отпад, иако сè уште се хранливи. Во оваа фаза содржат најмногу шеќери и антиоксиданси, но најмалку влакна. Витаминот Ц се намалува, додека калиумот останува релативно стабилен. Тие се идеални за печење, смути или замрзнување, но не се препорачуваат за лица со дијабетес.

На крајот, нутриционистите порачуваат дека не треба да се претерува со анализата. Бананата е хранлива во секоја фаза на зрелост, разликата е само во тоа што во одреден момент на организмот му е потребно повеќе: подолга ситост, побавна дигестија или брза енергија.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни