ЗПРМ реагира: „Јазикот не е препрека – тој е наш идентитет“

Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија упати официјална реакција до Владата и Собранието, предупредувајќи на се почестото непочитување на македонскиот јазик на регионални и меѓународни настани.

Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија (ЗПРМ) испрати официјално писмо до Владата и Собранието на Република Северна Македонија, во кое реагира на, како што наведуваат, сè почестата појава на организирање регионални и меѓународни настани без обезбеден превод на македонски јазик, иако на нив учествуваат официјални претставници од државата.

Од ЗПРМ потенцираат дека службената употреба и застапеноста на македонскиот јазик не е само формалност, туку прашање на национално достоинство, културен идентитет и институционален интегритет.

„Сметаме дека службената употреба и застапеноста на македонскиот јазик на вакви настани е прашање на национално достоинство, културен идентитет и институционален интегритет,“ стои во писмото на ЗПРМ.

Здружението ги охрабрува сите државни институции и официјални претставници на Република Македонија да бараат обезбеден превод на македонски јазик при секое официјално учество на настани во земјата и странство.

Со реакцијата, преведувачите и толкувачите потсетуваат дека јазичната видливост на меѓународните платформи е клучен дел од почитувањето на македонскиот суверенитет и културен идентитет.

Објавата на ЗПРМ, под наслов „Јазикот не е препрека — тој е наш идентитет“, беше споделена на нивниот официјален Facebook профил, каде што доби голема поддршка од јавноста, особено од академската и културната заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни