Спречувањето на размножувањето кај одредени цицачи може да го продолжи нивниот животен век во просек за околу 10 проценти, покажува нова научна студија базирана главно на податоци од животни во заробеништво. Истражувањето опфаќа животни од зоолошки градини и аквариуми ширум светот и укажува дека стерилизираните животни (било преку хируршки зафати или хормонска контрацепција) често живеат подолго, пренесува Science Alert.
Ефектите се разликуваат во зависност од видот, полот, условите во кои живее животното и методот што се користи. Кај женките од хамадријас бабун (Papio hamadryas), употребата на хормонска контрацепција била поврзана со 29 проценти подолг животен век, додека кастрираните мажјаци од истиот вид живееле во просек 19 проценти подолго.
Според статистичкиот и математички еколог Фернандо Колчеро од Институтот Макс Планк за еволутивна антропологија, резултатите покажуваат дека репродукцијата носи значителни енергетски трошоци. „Намалувањето на вложувањето во размножување овозможува повеќе енергија да се насочи кон долговечноста“, наведува тој.
Истражувачкиот тим анализирал податоци за 117 видови цицачи со прецизно евидентирани датуми на раѓање и смрт, како и мета-анализа на 71 научна студија објавена меѓу 1930 и 2021 година. Заклучокот е дека кастрацијата кај мажјаците и стерилизацијата или долготрајната хормонска контрацепција кај женките се поврзани со подолг животен век кај широк спектар видови.
Кај мажјаците, кастрацијата (но не и вазектомијата) покажала позитивен ефект, што упатува на улогата на намаленото ниво на тестостерон и намалувањето на агресивното и ризично однесување. Најголем ефект бил забележан кај животни стерилизирани рано во животот.
Главниот автор на студијата, Мајк Гарат од Универзитетот Отаго во Нов Зеланд, наведува дека ефектите се најизразени кога стерилизацијата се случува пред пубертет, што укажува на влијанието на хормоните врз механизмите на стареење.
Кај женките, различни форми на стерилизација биле поврзани со помал број инфекции и подолг живот, но без значајна зависност од возраста во која е направен зафатот. Истражувачите посочуваат дека тоа ги поддржува и еволутивните теории за менопаузата и намаленото репродуктивно вложување во подоцнежниот живот.
Сепак, подолг живот не значи секогаш и подобро здравје. Кај некои стерилизирани глодари е забележан т.н. „парадокс на здравје и преживување“, каде животниот век е подолг, но квалитетот на здравјето во староста е послаб – појава што се забележува и кај луѓето.
Научниците предупредуваат дека овие резултати тешко можат директно да се применат кај луѓето, бидејќи современата медицина, исхраната и социјалната поддршка значително ги менуваат биолошките трошоци на репродукцијата.