Кафето е секојдневен ритуал за милиони луѓе, но кај дел од нив по неговото консумирање се јавува непријатно чувство на забрзано чукање на срцето, трема и анксиозност. Иако овие симптоми можат да делуваат загрижувачки и понекогаш да наликуваат на срцев удар, кардиолозите посочуваат дека најчесто станува збор за нормална реакција на организмот на кофеинот.
Според кардиологот Марк А. Сингер, кофеинот е стимуланс кој го зголемува нивото на адреналин во телото. Тоа доведува до забрзан пулс, благ пораст на крвниот притисок и зголемена будност. Кардиологот Обри Грант објаснува дека кофеинот ги блокира аденозинските рецептори во мозокот, што резултира со дополнително ослободување адреналин. Кај некои луѓе оваа реакција е поизразена поради генетска чувствителност, постоечки срцеви состојби или интеракција со одредени лекови. Особено се издвојуваат енергетските пијалаци, кои често предизвикуваат посилни реакции поради комбинацијата од повеќе стимуланси.
Кога по силно кафе ќе се појави забрзано чукање на срцето, лекарите советуваат да се смири организмот со едноставни чекори. Пиењето ладна вода може да помогне бидејќи го стимулира вагусниот нерв и придонесува за стабилизирање на срцевиот ритам, а воедно ја намалува концентрацијата на кофеинот. Миењето на лицето со ладна вода или кратко потопување во ладна вода може да го активира парасимпатичкиот нервен систем и да предизвика чувство на смиреност. Длабокото и бавно дишење, како и лесна прошетка, исто така му помагаат на телото постепено да го намали вишокот адреналин.
Иако во најголем број случаи забрзаниот пулс по кафе е минлив и безопасен, постојат ситуации кога е неопходно веднаш да се побара лекарска помош. Доколку лупањето на срцето е придружено со болка во градите, вртоглавица, отежнато дишење или несвестица, тоа може да укажува на посериозен проблем. Истото важи и за лица со веќе дијагностицирани срцеви заболувања или аритмии, кај кои кофеинот може да ги влоши симптомите.
Кардиолозите нагласуваат дека најдобар пристап е превенцијата. Кафето не треба да се пие на празен желудник, туку во комбинација со храна, а неговото консумирање треба да биде побавно. Брзото внесување на голема количина кофеин претставува поголем стрес за организмот. Доколку симптомите се повторуваат, се препорачува намалување на внесот на кофеин или премин на безкофеинска варијанта.
