Авганистан и Пакистан повторно се во отворен судир. Размената на оган долж тешко проодната и спорна граница ескалираше во воздушни напади врз Кабул, а пакистанскиот министер за одбрана Khawaja Asif порача дека на неговата земја ѝ „истекло трпението“ и дека станува збор за „отворена војна“.
Станува збор за најнова ескалација во долготрајниот конфликт меѓу нуклеарно вооружениот Пакистан и талибанската власт во Авганистан. Како што објави CNN, судирот ги спротивставува добро финансираните пакистански вооружени сили со авганистанските талибански борци, кои имаат децениско искуство во асиметрично војување и ја презедоа власта во 2021 година по повлекувањето на НАТО.
Како започна новото насилство?
Според достапните информации, талибанските сили започнале напади врз пакистанските позиции долж порозната граница долга околу 2.600 километри, која минува низ планински и пустински предели. Кабул наведе дека станува збор за одмазда поради претходно пакистанско бомбардирање на територијата на Авганистан, при што Исламабад тврди дека погодил милитантни кампови и усмртил најмалку 18 лица.
Пакистан одговори со воена операција и изврши воздушни напади врз Кабул, југоисточната провинција Пактија и Кандахар – традиционално упориште на талибанците и локација каде што, според проценките, се наоѓа нивниот лидер Hibatullah Akhundzada.
Очевидци од Кабул сведочат за силни експлозии и паника меѓу населението, додека властите од двете страни изнесуваат спротивставени податоци за бројот на жртви. Пакистан тврди дека убил над 130 талибански борци, додека Авганистан наведува значително пониски бројки и загинати свои војници. Независна потврда засега нема.
Корените на конфликтот
И покрај културните и економските врски, односите меѓу двете земји со години се нестабилни. По соборувањето на талибанскиот режим во 2001 година, Пакистан стана клучен актер во регионалната безбедносна архитектура и важен партнер на Западот. Талибанските борци, меѓутоа, долго време имаа засолништа долж границата, што ја усложни безбедносната ситуација.
По враќањето на талибанците на власт во 2021 година, Пакистан се соочи со раст на исламстичкото насилство на својата територија. Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на пакистанските талибанци, обвинение што авганистанската страна го негира. Според податоци на пакистанската армија, во 2025 година во милитантни напади загинале повеќе од 1.200 лица – двојно повеќе од 2021 година.
Воена нерамнотежа
Според „Military Balance 2025“ на Меѓународен институт за стратешки студии, Пакистан располага со околу 660.000 активни војници и модерни системи, вклучувајќи борбени авиони F-16 и JF-17. Авганистан, пак, има помалку од 200.000 борци и нема функционално воено воздухопловство, но располага со долгогодишно искуство во герилско војување.
Дали конфликтот ќе ескалира?
Претходните ескалации се смируваа по неколку дена, често со посредство на Турција, Катар или Саудиска Арабија. Аналитичарите предупредуваат дека нова спирала на насилство може сериозно да ја дестабилизира регијата.
Експертите повикуваат на итно продолжување на дипломатските преговори, бидејќи продолжувањето на судирите долж линијата „Дуранд“ може да има пошироки безбедносни последици за Јужна Азија.