Зошто Јабланица заслужува да биде прогласена за национален парк?

Планината Јабланица е вистински природен бисер на Балканот,дом на ендемски растенија и животни, со своите древни глацијални езера, богата флора и фауна, Јабланица има огромен потенцијал да стане петтиот национален парк во Република Северна Македонија. Поразговаравме со м-р Наталија Меловска, од Македонското еколошко друштво (МЕД), за важноста на заштитата на овој предел и предизвиците што го следат процесот. Иако иницијативата трае со години, прогласувањето се соочува со бројни препреки. Зошто оваа заштита е толку значајна и кои се најголемите пречки на патот?

Трн: Што е главната цел на иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк и кои се основните предности што оваа заштита би ги донела за регионот?

Наталија: Планината Јабланица поседува значајни природни вредности и богат биодиверзитет заради што заслужува да биде дел од мрежата на заштитени подрачја во Република Северна Македонија. Специфична е по своите физичко-географски карактеристики, особено по присуството на јабланичките глацијални езера чија старост се проценува на 10 до 15 илјади години. Покрај националното значење, Јабланица има и меѓународно значење. Таа е дел од Балканскиот зелен појас, односно од Европскиот зелен појас, а претставува и важно подрачје за мечката, волкот и  рисот како европски значајни видови. Идентификувана е како подрачје од посебен интерес за зачувување и е вклучена во Националната Емералд мрежа која служи како основа за воспоставување на европската мрежа НАТУРА 2000. Планината е назначена како Значајно растително подрачје (Important Plant Area) и Подрачјe значајно за пеперутки (Prime Butterfly Areas) според меѓународни критериуми.

Дневен пауновец

Ова е само дел од причините Јабланица да добие статус на заштита од повисока категорија, односно да биде петтиот национален парк.

Со националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план за периодот 2018-2023 година, Р. С. Македонија се обврзува на зголемување на површината на заштитени подрачја до најмалку 15 %. Јабланица е опфатена со репрезентативната мрежа на заштитени подрачја и е предложена да биде заштитено подрачје од втора категорија – Национален Парк, што значително би придонело кон зголемување на процентот на заштитени области во Македонија кои во моментов зафаќаат околу 13 %.

Заштитените подрачја нудат неколку основни придобивки кои се клучни за зачувување на животната средина и човековата благосостојба.

  1. Зачувување на биолошката разновидност –  Заштитените подрачја се закрила за различни екосистеми и видови, помагајќи да се спречи исчезнувањето на растенијата, животните и другите организми.
  2. Екосистемски услуги – Овие области обезбедуваат основни екосистемски услуги, како што се чист воздух и вода, стабилизација на почвата, опрашување и секвестрација на јаглерод. Овие услуги се од витално значење и за животната средина и за човекот, придонесувајќи за регулирање на климата и намалување на ризикот од катастрофи. Заштитените подрачја често имаат значајно културно, духовно и историско значење. Тие обезбедуваат можности за рекреација, туризам и образование, помагајќи им на луѓето да се поврзат со природата и да научат што значи да се чува природата.
  3. Научно истражување – Заштитените подрачја служат како природни лаборатории каде што научниците можат да ги проучуваат екосистемите, видовите и еколошките процеси во нивната природна состојба. Овие истражувања придонесуваат кон изработка на стратегии и планови за зачувување и подобрување на нашето разбирање за животната средина.
  4. Ублажување на климатските промени – заштитените подрачја помагаат во ублажувањето на климатските промени со тоа што апсорбираат и складираат јаглерод диоксид и ја намалуваат количината на стакленички гасови во атмосферата.
Планински велосипедизам на Јабланица

Трн: Можете ли да објасните како соголувањето на шумите и нелегалните градежни активности влијаат врз ендемичната флора и фауна во Јабланица?

Нелегалните градежни активности, шумските пожари и сечата на дрва имаат сериозни и повеќекратни влијанија врз флората и фауната воопшто. Според литературни податоци, растенијата и животните кои се ретки и адаптирани да живеат на специфични и одредени природни услови се многу поранливи на ваквите активности. Еве примери како овие активности влијаат на ендемичните видови:

1. Уништување на живеалиштата: Ендемските растителни видови често имаат тесни еколошки ниши, што значи дека се потпираат на специфични услови за да опстанат. Нелегалната сеча и градежни активности и шумските пожари ги уништуваат овие живеалишта, што доведува до директно губење на вегетацијата. Кога живеалиштето е уништено, ендемските растенија можеби нема да имаат способност да се реколонизираат, што ќе доведе до опаѓање или истребување. Животните кои се ендемични во регионот често зависат од одредени растенија или шумски заедници за храна, засолниште или за размножување. Уништувањето на нивното живеалиште ги намалува достапните ресурси, принудувајќи ги да мигрираат, да се прилагодат или да исчезнат. Видовите со ограничен опсег на распространување се особено ранливи, бидејќи не можат лесно да се преселат во нови области.

Шарка

2. Промена на екосистемите: Шумските пожари можат да го променат составот на почвата, да ја намалат достапноста на хранливи материи и да ја зголемат ерозијата, што го отежнува повторното растење на ендемските растенија. Сечата ја менува структурата на шумите, влијаејќи на пенетрацијата на светлината, температурата и влажноста, што може да биде штетно за видовите приспособени на оригиналните услови. Промената на екосистемите ги нарушува синџирите на исхрана и еколошките интеракции. На пример, губењето на одредени дрвја може да ја намали достапноста на овошје или семиња на кои се потпираат одредени животни, што ќе доведе до опаѓање на тие животински популации. Предаторите кои зависат од овие животни исто така може да страдаат, предизвикувајќи каскада од негативни ефекти низ екосистемот.

3. Зголемена ранливост на инвазивни видови: Зафатените области, како што се оние погодени од пожари или сеча, се поподложни на инвазија од неавтохтони видови. Инвазивните растенија можат да се намножат и да го загрозат опстанокот на ендемските видови искористувајќи ги неопходните ресурси.

4. Губење на генетската разновидност: Намалувањето на големината на популацијата на ендемските растенија поради уништување на живеалиштата може да доведе до губење на генетската разновидност. Ова ја прави преостанатата популација поранлива на болести, промени во животната средина и други закани. Слично на ова, падот на животинската популација ја намалува генетската разновидност, што може да резултира со оплодување помеѓу крвни сродници и намалување на целокупното здравје и приспособливост на видот.

5. Нарушување на екосистемските услуги: шумите обезбедуваат клучни екосистемски услуги, како што се регулирање на водата, секвестрација на јаглерод и стабилизација на почвата. Нелегалната сеча и шумските пожари може да ги нарушат овие услуги, што ќе доведе до пошироки еколошки промени кои влијаат и на флората и на фауната. На пример, промените во достапноста на вода може да го променат составот на растителните заедници и однесувањето на животните кои зависат од изворите на вода.

6. Поттикнување на климатските промени: И нелегалната сеча и шумските пожари придонесуваат за ослободување на јаглерод складиран во дрвјата и почвата, што ги влошува климатските промени. Ова, пак, влијае на ендемичните видови кои можат да бидат чувствителни на промени во температурата и количеството на врнежи.

Трн: Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк започна уште во 2007 година. Кои се причините за одолговлекувањето на постапката и со кои предизвици се соочувате во овој процес?

Наталија Меловска, МЕД

Наталија: Иницијативата е поттикната и водена од локалната заедница. Ние, како организација што работи на проекти за заштита на природата, сме поддржувачи на иницијативата од самиот почеток. Локалниот иницијативен одбор е составен од претставници на неколку месни заедници што гравитираат во подножјето на Јабланица и се навистина здружени и посветени на забрзување на процесот за легална заштита на подрачјето. Во секој случај предизвиците се тука и со нив се соочуваме сите, почнувајќи од локалниот иницијативен одбор и организациите кои се активни во подрачјето, па сѐ до политичките структури кои ги донесуваат финалните одлуки. Причините се воглавно поврзани со политичка волја и приоритизирање на целите што се генерално поврзани со заштитата на природата во Македонија. Следните причини се поврзани со обезбедување финансиски средства за да се поддржи процесот на прогласување на заштитено подрачје од почеток до крај. Од огромно значење е одлуката што беше соопштена од Министерството за животна средина и просторно планирање, во која соопштуваат дека Јабланица е влезена во нивната работна програма за 2025 година и дека ќе бидат одвоени средства за почнување на процесот за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје.

МЕД работеше на систематски истражувања на Јабланица во неколку наврати со цел да се соберат доволно податоци за географските и биолошките вредности на планината потребни за изработка на студија за валоризација. Студијата за валоризација е неопходен дел од целиот процес на прогласување во која се содржат сите потребни информации за подрачјето (биолошка разновидност, географија, хидрологија, клима, почви, шуми итн.), предложени зони за заштита, како и социоекономски дел. Врз база на сите собрани информации експертите даваат предлог во која категорија треба да се заштити подрачјето. Односно, Јабланица сеуште нема целосна студија за валоризација и затоа не можеме да тврдиме со сигурност дали кога би била заштитена, ќе биде тоа од категоријата на национален парк. Проценката од досегашните искуства кажува дека за изработка на целосна студија за валоризација на Јабланица, како и водење на процесот за прогласување на заштитено подрачје изнесува околу 120000 евра.

Нов вид полжав Bythinella melovskii, идентификуван во мал извор во близина на Беличка река, Јабланица. Видовите од овој род, населуваат извори, а поретко се среќаваат во подземните води и длабоките зони на езерата. До сега, за земјите од Западен Балкан најдени се вкупно 12 видови од родот Bythinella, додека за Албанија и Македонија, еднинствен претставник за родот беше Bythinella drimica drimica (Radoman, 1976).

Јабланица е покриена со доста научно-истражувачки акции изминативе петнаесетина години. Се спроведоа и анкети за да се дознае мислењето на населението од двете главни општини во подрачјето (Струга и Вевчани) околу идејата за воспоставување на заштитено подрачје. Направени се и социоекомонски анализи кои ја отсликуваат состојбата со демографијата, начинот и квалитетот на животот во населените места близу Јабланица. Спроведени се и истражувачки акции од страна на Истражувачкото друштво на студенти биолози при Институтот за биологија (ПМФ) кои исто така имаат удел и значење и во прибирање на податоци, но и во усовршување на иден млад кадар на биолози и еколози. Но, истражувањата се случуваат и застаруваат податоците, а процесот за прогласување заостанува или се губат и менуваат приоритетите со менувањето на секоја нова политичка структура.

Природна костенчова шума по Дреночка река

Трн: Дали постојат конкретни планови или активности кои МЕД ги презема во соработка со државните институции и локалните заедници за забрзување на оваа постапка?

Наталија: Почнувајќи од 2005 до денес МЕД практично и не престана да ја поддржува идејата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје бидејќи токму ова е дел од целите и стратешките планови и на нашата организација. Согласно капацитетите со кои располагаме, нашиот удел во сето ова се состои во мониторинг, истражувања, комуникација со иницијативниот одбор и државните одговорни институции и поддршка на останати локални иницијативи. Министерството за животна средина и просторно планирање се исто така огромни заложници Јабланица да се заштити и секогаш биле на страната на локалниот инцијативен одбор.

Трн:  Албанската страна на планината Јабланица е прогласена за национален парк во 2008 година. Дали постои некаква форма на соработка меѓу Македонија и Албанија во однос на заштитата на планинскиот појас?

Наталија: Соработките постојат додека постојат тековни проекти кои се спроведуваат на прекугранично ниво. МЕД соработуваше на неколку наврати со организации од Албанија, како и со самата институција, национален парк „Шебеник“. Ова е практично еден масив и во прилог е да биде заштитен и во двете земји, особено заради живеалиштата на критично загрозениот балкански рис кој е регистриран и на Јабланица и на Шебеник. За среќа, слухот на неколку странски донатори или поголеми конзервациски организации (MAVA, Euronatur, CEPF, GIZ, GEF, UNDP, Riverwatch, PONT и други) беше и сеуште е насочен кон овој прекуграничен појас. Соработката помеѓу конзервациски организации од Македонија и Албанија во голема мера ја диктираат и овие потенцијални извори на финансии од странство. Прекугранични IPA повици за проекти постојат, но најчесто тие мора да се координирани од општинските администрации во двете земји. За жал, недостигот на капацитети во овие административни тела е најгорливиот проблем кој води кон неуспешни апликации или воопшто игнорирање на повиците. Ова е причина и единствените или поголемите акции поврзани со Јабланица да се реализирани од национални здруженија на граѓани кои претежно се занимаваат со заштита на природа.

Јабланички шафран

За потенцирање е прекуграничната соработка на МЕД со уште една организација од Албанија (PPNEA) во 2009 година кога беше изработена студија за природните вредности на регионот Јабланица-Шебеник и во 2013 година кога се спроведе прекуграничен IPA проект за промоција на природните вредности на Шебеник-Јабланица регионот.

Трн: Каква е улогата на локалното население во оваа иницијатива? Како ги вклучувате локалните заедници и кои се нивните ставови во однос на прогласувањето на Јабланица за национален парк?

Наталија: Огромна! Со цел заштита и зачувување на природните вредности и спречување на натамошно нарушување на природата на планината Јабланица, во периодот од 2009 до 2015 година организирани се бројни состаноци со локални чинители, за презентирање на добиените резултати со истражувањата, во насока на добивање поддршка за иницијатива за формирање на заштитено подрачје Јабланица. Овие средби, работни состаноци и промотивни настани се случуваа претежно во рамките на тековните проекти  на МЕД и беа од огромна полза затоа што свеста кај локалните власти и локалната популација значително се смени во насока на заштита на природните вредности на Јабланица.

Салеп

Во мај 2018 година, градоначалниците на општина Струга и општина Вевчани, како и претседателите на месните заедници од селата кои што егзистираат во рамките на предложеното подрачје, а се на територијата на планината Јабланица ја поддржаа иницијативата за воспоставување на заштитено подрачје од втора категорија (национален парк). Иницијативата ја започнаа претставници од месната заедница на с. Вишни и истата е потпишана и поддржана од месните заедници од селата Горна Белица, Јабланица и Модрич. Иницијативата не беше потпишана единствено од МЗ Подгорци, чија што дива населба влегува во рамките на предложените граници на заштитеното подрачје, каде жителите стравуваат за иднината на населбата. Иницијативата од овој одбор стигна и до Владата во 2019 година, на чија работна седница таа даде поддршка. Но, не беа алоцирани и одобрени средства за изработка на студија за валоризација која е неопходна да се продолжи со процесот на легална заштита на едно подрачје.

Во 2020 година МЕД во соработка со германската фондација „Фридрих Еберт“ спроведе анкетен прашалник за да се утврди нивото на свесност кај граѓаните од регионот на планината Јабланица кон заштита на природното богатство, користење на природните ресурси и прогласување на заштитено подрачје на Јабланица. Опфатени беа жителите од општина Струга и Вевчани со репрезентативен примерок од 606 испитаници.

Подгоречко езеро

Меѓу поинтересните податоци што ги собравме од оваа анкета се дека:

76% сметаат дека локалците не би имале проблем ако се заштити Јабланица, додека 8% сметаат дека ќе има одредени несогласувања. Несогласувањата би биле предизвикани од скратување на достапноста на природните ресурси (53% од испитаниците), нелегално сечење дрва (36% од испитаниците) и нелегални лични интереси (11%).

Вевчанско езеро

92,2 % од сите испитаници искажале позитивен став кон тоа Јабланица да се прогласи за заштитено подрачје и дури 92,4 % од испитаниците би поддржале со потпишување на иницијатива за прогласување на ЗП. Убедливи 91,9 % од сите испитаници се изјасниле дека промените од прогласување на Јабланица за заштитено подрачје би биле позитивни, односно 87 % од сите испитаници тврдат дека „живејачката“ на локалното население ќе се подобри ако планината се заштити.

Сите досега реализирани проекти поврзани со Јабланица ни биле со целосна вклученост на локалните чинители. Во периодот од 2012 до 2016 година имавме дури и два отворени повици за мали грантови, каде проекти добија околу 30 локални мали организации и институции. Активностите што ги имаме со мониторинг на одредени видови секогаш биле споделувани со локалните власти и претставници на останати групи локални чинители, како и одговорните државни институции.

Иницијативниот одбор постои и денеска и е навистина за пофалба за сите напори што ги прави за да го придвижи процесот и да го подигне на листата на приоритети кај донесувачите на одлуки. Заслужуваат да се споменат и контактираат сите што придонеле и придонесуваат кон зачувување на планината Јабланица – од индивидуалци поборници, до помали или поголеми формални и неформални здруженија, заедници и државни органи.

Трн: Кои мерки се планирани за спречување на нелегалните активности и за обнова на деградираните подрачја во Јабланица?

Наталија: Ваквите мерки обично се планираат при изработката на официјален план за управување со заштитено подрачје. Јабланица сеуште не е заштитена и нема структурно поставени мерки за обнова на деградирани живеалишта. Спречувањето на нелегални активности е обврска на државни институции преку спроведување на пропишаните закони, не само на Јабланица туку во целата земја.

Трн: Дали постојат примери од други национални паркови во регионот кои би можеле да послужат како модел за управување и заштита на Јабланица?

Наталија: Национални паркови постојат и кај нас во земјата, а и во регионот. Примери се секогаш добредојдени. Но, она што е најважно е да се почитуваат националните и локалните концепти а и законски регулативи. Моделите за управување и заштита на природата се пропишани во нашата национална легислатива и секое заштитено подрачје се раководи според нив и според специјално изработениот план за управување со заштитеното подрачје.

Планинарскиот дом на Јабланица

Трн: Какви чекори планирате во иднина за да ја подигнете свеста за значењето на прогласувањето на Јабланица за национален парк, особено кај младите и јавноста?

Наталија: МЕД во континуитет работи на подигање на јавната свест. Нашите заложби за одржливо користење на природните ресурси на Јабланица датираат уште од 2009 година. Имаме спроведено огромен број на едукации, настани, активности во природа, како и прекугранични проекти во коишто биле вклучени голем број на млади од регионот. Дел од нив и денес се залагаат за заштита на Јабланица и нејзино прогласување за национален парк. Особено нѐ радува фактот што во последниве години и други еколошки организации и одделни институции работат на подигање на јавната свест за значењето на биолошката разновидност на Јабланица но и други предели на национално ниво. Во оваа насока сметам дека заштитата на пределите и севкупно природата во Македонија треба да биде државен приоритет и обврска на секој граѓанин.

Трн: Како МЕД планира да обезбеди одржливо финансирање за идните проекти поврзани со заштитата на Јабланица?

Наталија: Одржливо финансирање се обезбедува од државен буџет. МЕД, а веруваме и други организации се тука да дадат поддршка во реализација на поставените национални цели поврзани со заштитата на природата.  

Јабланица како подрачје е клучно за заштита и за делувањето на МЕД и секогаш е дел од нашите планови. Според најновата студија за биолошки коридори што ја изработи PONT во 2022 година, Јабланица и Шебеник се дел од селектираните важни коридори за зачувување. Така што, следните повици на ПОНТ сигурно би имале опција за финансиска поддршка на проекти што ќе ја опфаќаат и Јабланица. А во иднина сигурно би имало и други иницијативи и грантови за финансирање на прекугранични проекти.

Најново

Последни колумни