Зошто Турција испраќа илјадници тони јајца на американските купувачи?

Прелиминарниот договор меѓу двете земји значи дека 15.000 тони јајца ќе бидат испратени во САД до јули годинава

Турција овој месец почна да извезува големи количини јајца во САД, како одговор на појавата на птичји грип преку Атлантикот.

„Ќе бидат испорачани вкупно 15.000 тони јајца, што е еквивалентно на 700 контејнери“, изјави за Ројтерс Ибрахим Афјон, претседател на Централниот сојуз на производители на јајца во Турција.


„Извозот ќе се одвива преку нашите компании членки со потребните овластувања, додека две фирми ќе го координираат процесот“, додава Афјон.

Според него, договорот Турција-САД се очекува да генерира околу 26 милиони американски долари (24,9 милиони евра) приход од извозот.

Инаку, САД во моментов работат на справување со појавата на грипот H5N1, исто така познат како птичји грип, кој влијае на домашното снабдување со јајца. Иако птичјиот грип е присутен во САД со години, вирусот во 2024 година почна да ги инфицира и говедата коишто даваат млеко.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) сè уште тврди дека птичјиот грип претставува низок ризик за пошироката јавност, иако еден човек починал од вирусот.

Со оглед на тоа што фармерите ги колат кокошките за да го ограничат ширењето на болеста, супермаркетите се соочија со недостиг на јајца и пораст на цените. Лани, цената на јајцата се зголемила за 65%, а потоа уште 15% само во месец јануари.

Но, за да се искомплицираат дополнително нештата, Министерството за земјоделство на Соединетите држави (УСДА) вчера соопшти дека отпуштило неколку вработени во агенцијата кои работеле на одговорот на државата на избувнувањето на грипот. Укинувањето на работните места беше дел од поширокиот план за намалување на државните трошоци, предводен од новиот Оддел за владина ефикасност (DOGE) под водство на Илон Маск. Сега, USDA повторно бара да вработи поединци на коишто им се раскинати договорите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни