Search

Зошто толку многу знамиња имаат црвена, бела и сина боја?

Во моментов актуелни се фудбалските првенства во Европа и Америките, поради што државните знамиња се постојано на телевизиите, а корисниците на социјалните мрежи се запрашуваат зошто толку многу знамиња се комбинација на црвената, белата и сината боја.

Науката која се занимава со дизајнот знамињата се вика вексилологија, а доколку подлабоко навлезете во тоа има навистина интересни и бизарни податоци.

Речиси сите знамиња на светот се со правоаголна форма, освен знамето на Непал, кое има форма на два триаголници еден над друг. А помеѓу правоаголните знамиња, само две се квадрати – тоа на Швајцарија и на Ватикан, иако знамето на Ватикан не мора да биде квадрат, туку така најчесто е претставено.

Сепак, тоа не значи дека останатите знамиња на државите се со иста форма. Речиси сите знамиња имаат специфични, а понекогаш и уникатни пропорации за нивната форма или одредени елементи на знамето.  Знамето на Летонија, на пример, е со пропороции 1:2, додека знамето на Еквадор има пропорции 2:3.

Општо земено, државните знамиња не се толку стари, бидејќи државите како што ги знаеме денес исто така не се толку старо. Модерните држави почнуваат да се формираат во 19 век, па тогаш и се појавува потребата за креирање на национални, државни знамиња. Пред тоа, знамињата се користеле на море и во војни, за идентификација. Токму и поради тоа, многу модерни, државни знамиња имаат морско потекло.

Најстарото национално знаме се смета дека е тоа на Данска, кое било усвоено во 1625 година, но како и останатите државни знамиња, потекнува од порано. Според данските легенди, во текот на 13 век, знамето паднало од небото во битка биена од Кралот Валдермар Втори.

Веројатно најстаро потекло има јапонското знаме, кое се користи во една или друга форма околу илјада години пред тоа официјално да биде избрано како знаме на Јапонија.

Првото усвоено знаме на држава со црвена (односно портокалова), бела и сина боја е холандското во 1660 година. Тоа потекнува од 1572 година, од војната за независност на Холандија од Хабсбуршка Шпанија.

Секако најпознато црвено, бело и сино знаме е француското, усвоено во 1794 година, по револуцијата. Тоа ги комбинира традиционалните бои на Париз, сината за Сен Мартин и црвената за Сен Дени, со белата боја на Куќата на Бурбоните. Едноставниот дизајн е инспириран од холандското знаме и требало да го симболизира контрастот на демократијата со автократските симболи од старата Франција.

Во годините потоа, многу земји усвоиле знамиња кои се некаква верзија на француската тробојка, како норвешкото знаме, дизајнирано од Фредрик Мелцер во 1821 година, за кое експлицитно е наведено дека е инспирирано од Франција и Холандија.

Во текот на 17 век, Русија започнала да купува бродови од Холандија, но Русите во тоа време немале сопствен поморски симбол, поради што го позајмиле холандскиот, но со променет редослед. Па токму тоа знаме потоа станаува и национално знаме на Русија.

Инспирарани од руското знаме, црвената, белата и сината стануваат и Пан-славјански бои кои ги користат многу словенски земји во Централна и Источна Европа, иако инспирацијата за знамето потекнува од Холандија.

Фото: Jeff Bridgman

Друго влијателно црвено, бело и сино знаме е тоа на Велика Британија, кое ги комбинира крстот на Свети Ѓорѓи и крстот на Свети Андреј (од 1606 година) и Свети Патрик Салтире (од 1801 година). Ова знаме има различно потекло од француското и холандското.

Најново

Последни колумни