Зошто толку многу случајни бремености се случуваат во четириесеттите години?

Многу жени веруваат дека после 40-тата година речиси и не можат да останат бремени. Но вистината е поинаква – перименопаузата, фазата пред менопаузата, носи хормонални промени што го зголемуваат ризикот од неочекувана бременост.

Според последните податоци на Националниот центар за здравствена статистика на САД, околу една третина од бременостите кај жени над 40 години се непланирани, а тие раѓаат дури 4% од сите новороденчиња.

Што се случува во телото во четириесеттите?

Перименопаузата – која може да трае од неколку месеци до осум години – не е мирен премин кон менопауза, туку хормонален хаос. Јајниците работат непредвидливо: може да имаат силни налети на естроген, неочекувани овулации, дупли овулациски циклуси, прескокнати менструации… а тоа значи: можете да останете бремени дури и ако менструацијата не е редовна.

„Тие јајници буквално полудуваат“, вели гинекологката Робин Ноубл. Некои жени овулираат спорадично, што ги наведува да мислат дека не можат да забременат, па престануваат да користат контрацепција.

Но, шансата за бременост иако намалена (под 5% месечно), сепак постои. Проблемот е што жените во овој период често користат непроверени методи како прекинат однос или следење на ритам, што е особено ризично со хаотичниот циклус на перименопаузата.

Зошто многу жени доцна дознаваат дека се бремени?

Симптомите на бременост често се преклопуваат со симптомите на перименопауза: замор, прескокнати циклуси, пречки во расположението, чувствителни гради. Поради тоа, многу жени дознаваат дека се бремени дури на 16-та или 20-та недела!

Кои се ризиците?

Спонтан абортус (до 30% и повеќе)

Повисок ризик од прееклампсија, гестациски дијабетес, висок притисок, предвремено породување, проблеми со постелката

Зголемен ризик од Даунов синдром и други хромозомски нарушувања

Многу гинеколози препорачуваат да се задржи хормонална спирала или контрацепција најмалку една година по последната менструација, бидејќи само тогаш се смета дека жената е навистина во менопауза.

Бременоста во четириесеттите може да биде неочекуван дар или предизвик, зависно од животната ситуација. Најважно е: немојте да претпоставувате – информирајте се, направете тест, консултирајте се со гинеколог. Телото не секогаш игра по нашите правила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни