Зошто се забрзува ротацијата на Земјата ова лето – научниците сè уште го бараат одговорот

Ова лето, на 9 јули, 22 јули и 5 август, денот нема да трае вообичаени 86.400 секунди. Земјата ќе ја забрза својата ротација и ќе ја скрати должината на денот за 1,5 милисекунди, што е повеќе од вообичаеното скратување од 1,3 милисекунди.

Иако милисекунда – илјадити дел од секунда – изгледа незначително, за научниците и инженерите тоа е мерлива и важна промена. Атомските часовници, кои се користат за исклучително прецизно мерење на времето, се толку точни што при најмало отстапување, Меѓународната служба за ротација на Земјата мора да додаде престапна секунда за да го усогласи астрономското и атомското време.

Најкраткиот ден досега

Најкраткиот ден забележан од почетокот на мерењето со атомски часовници во 1950-тите се случи на 5 јули минатата година, кога Земјата ја заврши ротацијата за 1,66 милисекунди помалку од вообичаеното. Слично скратување било регистрирано и на 30 јуни 2022 година. Но, трите „брзи денови“ ова лето го прават феноменот уште понеобичен.

Што ја забрзува ротацијата на Земјата

Повеќе фактори можат да влијаат врз вакво забрзување, но засега нема јасно објаснување.

Најверојатна причина е положбата на Месечината. Таа се движи во елиптична орбита околу Земјата и постојано ја менува оддалеченоста – од 360.000 до 406.000 километри. Во деновите кога се очекува забрзување, Месечината ќе биде близу најоддалечената точка – апогејот. Според очекувањата, тоа би требало да ја забави ротацијата на Земјата, но овој пат се случува спротивното.

Еден можен фактор е аголот на месечевата орбита во однос на Земјиниот екватор. Кога овој агол достигнува врв од 28 степени, како што е случајот сега, може да дојде до забрзување на ротацијата наместо забавување.

Земјотресите исто така можат да влијаат – со прераспределба на масата под површината, што влијае на брзината на вртење. Но, нема значаен земјотрес во последниот период што би објаснил ваква промена.

Климатските промени – фактор што го забавува вртењето

Некои истражувања покажуваат дека климатските промени влијаат на оската на ротација на Земјата. Од 2000 година, поради топењето на глечерите, оската се поместила за околу девет метри, што предизвикува забавување од околу 1,3 милисекунди по век.

И други појави – како порастот на морското ниво, проширувањето на атмосферата поради загревање, па дури и расцутот на дрвјата во пролет – имаат блага улога во забавување на Земјината ротација, но не и во нејзино забрзување.

Засега, вината повторно паѓа на Месечината

И покрај неколкуте можни објаснувања, научниците сè уште сметаат дека месечевата гравитација е најверојатната причина за привременото забрзување. Овој феномен не е причина за загриженост, туку уште едно потсетување на сложената и прецизна рамнотежа во движењето на нашата планета и нејзиниот сателит, кои во синхронизирана ротација егзистираат веќе 4,5 милијарди години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни