Зошто се сè почести големите интернет прекини?

Падот на Cloudflare предизвика масовни интернет проблеми ширум светот. Експертите објаснуваат зошто големите интернет прекини стануваат сè почести и што стои зад најновите инциденти.

Имате ли во последно време проблеми со пристап до омилените веб-страници? Не сте единствени.

Интернет-гигантот Cloudflare вчера доживеа сериозен пад на системот кој привремено „сруши“ бројни популарни сервиси – од Spotify до ChatGPT, па дури и мрежата Truth Social на Доналд Трамп.

Ова е само последниот во серија големи интернет прекини. Претходните недели Amazon Web Services предизвика хаос кај милиони корисници, а само неколку дена подоцна падна и Microsoft Azure, пишува CNN.

Зошто се случуваат овие големи прекини?

Според експертите, причините се комбинација од:

  • сè поголема зависност на општеството од дигитални услуги,
  • концентрација на клучната интернет-инфраструктура во рацете на само неколку компании,
  • и тенденцијата корисниците да пријавуваат проблеми на интернет, што ги прави прекините видливи во реално време.

Тоа исто така покажува дека ни најголемите технолошки компании не се имуни на технички грешки.

„Без разлика колку добро е позициониран еден провајдер, или колку е напредна инфраструктурата – ваквите проблеми се многу чести“, вели Ајлин Хагерти од компанијата Netscout.

Што го предизвика падот на Cloudflare?

Од Cloudflare за CNN изјавиле дека прекинот бил резултат на технички проблем, а не сајбер-напад.

Причината била „конфигурациска датотека“ поврзана со управување со „сообраќај од закани“. Датотеката станала поголема од очекуваното и предизвикала пад во системот кој обработува сообраќај за повеќе Cloudflare услуги.

Главниот технолошки директор, Дејн Кнечт, објасни дека рутинска промена активирала bug кој „каскадно предизвикал широка деградација на мрежата“. Во тек се мерки за да се спречи повторување.

Слично, неодамнешниот пад на Amazon бил предизвикан кога два автоматизирани системи истовремено се обиделе да ажурираат исти податоци.

Дали интернет-прекините навистина се почести?

Иако три прекини во еден месец делуваат загрижувачки, експертите велат дека бројот на прекини генерално не расте — но нивното влијание станува поголемо.

Причината: денес речиси секоја апликација и веб-страница се потпира на истите неколку облачни провајдери.

Според Cisco ThousandEyes:

  • Во 2025 година веќе се забележани 12 големи прекини (без вчерашниот Cloudflare).
  • Во 2024. – 23 прекини
  • Во 2023. – 13
  • Во 2022. – 10

Големиот прекин на CrowdStrike во 2024 година, потсетуваат од Cisco, го парализираше бизнисот, авионскиот сообраќај и болниците ширум светот.

Зошто влијанието е толку големо?

Бидејќи најголем дел од интернетот се потпира на само неколку компании – Amazon, Microsoft, Google, Cloudflare обработува околу 81 милион HTTP барања во секунда, а преку Downdetector во вчерашниот инцидент биле пријавени над 2,1 милион проблеми.

Прекините се неизбежни

Интернет-стручњаците велат дека вакви прекини се и натаму неизбежни. Проблемите од 2025 година имаат неколку заеднички карактеристики: каскадни грешки, скриени дефекти кои се откриваат дури кога ќе се активираат, и погрешни конфигурации.

„Ова може да му се случи на буквално секој бизнис“, заклучува Хагерти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни