Зошто се повеќе луѓе се алергични на храна и дали алергијата се лечи?

Бројот на луѓе со алергии на храна во Британија е двојно зголемен за десет години. Слично е и во другите индустриски развиени земји. Зошто е тоа така и дали може да се излечи алергијата на храна?
Фото: NIAID, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Млеко, јајца, кикирики, пченица… За некои луѓе тоа е хорор опасен по живот. Многу луѓе се алергични и на лешници, соја или ракови.

Според една неодамнешна студија на Империал колеџ во Лондон, проценетиот број на нови случаи на алергија на храна во Обединетото Кралство е двојно зголемен за десет години: од 76 случаи на 100.000 луѓе во 2008 година на 160 случаи на 100.000 луѓе во 2018 година. Тоа е околу 1,1 отсто од населението во Обединетото Кралство кое е алергично на храна, односно повеќе од 675.000 луѓе.

Алергиите на храна не се само британски проблем. Во 2023 година, се проценува дека осум проценти од децата и 10 проценти од возрасната популација ширум светот страда од алергии на храна. Најголем дел од овие луѓе живеат во индустријализираните земји, во градовите, пишува ДВ.

Што е алергија?

Во случај на алергија, имунолошкиот систем реагира на всушност безопасни надворешни супстанции со знаци на воспаление и создавање на антитела. Оваа имунолошка реакција може да се манифестира и со осип и оток на кожата. Симптомите може да вклучуваат и гадење, треска или астма.

Понекогаш активираната имунолошка реакција е толку силна што доведува до таканаречен анафилактичен шок, а со тоа и до опасен по живот колапс на крвотокот. Според прегледот од 2021 година, јаткастите плодови, кравјото млеко и раковите се најчестите предизвикувачи на анафилакса ширум светот.

Имајќи го предвид потенцијалниот ризик по животот од алергија на храна, истражувачите сметаат дека зголемувањето на бројот на случаи е алармантно. Според една британска студија, луѓето во посиромашните региони потенцијално имаат помал пристап до итна медицинска помош која спасува живот.

Како се развива алергија на храна?

Генетската предиспозиција игра улога во развојот на алергии на храна: децата на родители со алергии се изложени на поголем ризик и самите да станат алергични. Но, истражувачите се сигурни дека генетиката не може да биде сè.

На крајот на краиштата, бројот на алергии е поголем во индустријализираните, урбани животни средини отколку во руралните, поприродни простори за живеење. Една од причините за алергии на храна затоа се крие во нашиот животен стил, вели Маргита Ворм, професорка по имуномодулација во алергиски болести во берлинската клиника Шарит.

Таа потсетува дека живееме во средина со мала микробиолошка контаминација, но она што првично звучи како добра вест е всушност проблем – бидејќи микробите влијаат на таканаречените Т-клетки. Постојат многу различни подгрупи на Т-клетки. „Таканаречените Т помошни клетки играат клучна улога кај алергиите“, објаснува професорката Ворм. Тие се оние кои предизвикуваат прекумерна имунолошка реакција во случај на алергија.

„Микробите го стимулираат формирањето на Т-клетките во насока што се спротивставува на алергијата“, вели таа. И не само што микробите се почести на руралните фарми отколку во градот, туку тие се почести и во свежата храна отколку во високо-обработената храна.

Затоа, истражувачите претпоставуваат со голема веројатност дека цревниот микробиом игра клучна улога во развојот на алергии на храна. Со други зборови, лошата исхрана не е само причина за многу болести, туку и потенцијална „порта“ за алергии.

Спречување на алергии на храна – како функционира?

„Најбезбедниот начин е да се држите подалеку од одредени видови храна“, вели Маргита Ворм. „Но, има луѓе кои реагираат алергично дури и на парче кикиритка, на пример, тие луѓе треба да носат комплет за итни случаи – односно адреналин што ги чисти дишните патишта во случај на алергиска реакција и ја стабилизира циркулацијата и се спречува анафилактичен шок.“

Лекарите долго време ги советуваат бремените жени да избегнуваат алергени како кикиритките и, ако е можно, да ги држат подалеку од малите деца. „Но, студиите покажаа дека таквото избегнување всушност го зголемува ризикот од алергии. Бремените жени можат да го намалат ризикот од алергии кај своите деца со доење и јадење што е можно повеќе свежа и помалку преработена храна“.

Здравата исхрана од детството исто така може да го намали ризикот. И ако, и покрај сите напори, се развие алергија на храна, опциите за третман сè уште се ограничени.

Може ли да се лекува алергија на храна?

Долго време речиси и да нема напредок во развојот на ефективни лекови против алергии на храна, вели професорката Ворм. Фармацевтските компании генерално се претпазливи од ризиците што би можеле да ги имаат клиничките студии врз оние кои се засегнати при тестирање на ефективноста на лекот.

Имунотерапијата, како онаа што се користи за поленска треска, досега беше достапна само за алергии на кикиритки, вели Ворм. Во неа, засегнатите постепено се изложени на зголемени дози на алергени со цел да се зголеми толеранцијата на имунолошкиот систем. Таа терапија е одобрена само за млади на возраст меѓу четири и 18 години, вели Ворм.

Од почетокот на 2024 година, лекот Xolair беше одобрен во САД за третман на сите видови алергии на храна. Овој лек се врзува за типот на имуноглобулин Е (IgE) антитела што предизвикува алергиска реакција и го ослабува. Така, ризикот од тешки алергиски реакции се намалува. Сепак, овој лек не може да излечи алергии на храна.

Извор: Н1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни