Зошто се појавуваат првите знаци на пубертет кај децата на 8 години?

Самиот пубертет им прави на тинејџерите да се збунети, чувствителни, лесно да се вознемируваат, темпераментни се, реагираат бурно и различно од претходно, што е збунувачки за околината и особено за родителите. Многу е важно во овие години родителите да се присутни што е можно повеќе во животот на своите деца, и покрај сите одбивања, што најверојатно ќе ги добијат, бидејќи фазата е таа, родителите не се повеќе ни авторитет, ни доволно забавни за друштво. Сепак, голем дел од децата ќе одбиваат да зборуваат во овој период бидејќи не им се врсници, па затоа, како родители треба да сте многу внимателни, ненаметнувачки став и пријатност кон вашите деца во однос на оваа тема, советува психолог Марија Конеска од Центар за развој, едукација и советување на деца и млади-МАША Марија. Со Марија поразговаравме на тема ран пубертет кај децата, кои фактори влијаат за негово појавување, како да се препознае, како се рефлектира на понатамошниот живот и кои се најновите истражувања во однос на овој феномен. Прочитајте подолу сѐ што ве интересира околу раниот пубертет, како да го препознаете и како да се однесувате со децата кои се соочуваат со оваа состојба.

Пубертетот е период од животот на децата во кој доживуваат голем број физички и емоционални промени при преминот од деца во возрасни. Кај девојчињата, пубертетот, вообичаено, се случува помеѓу 11 и 15 година, додека кај момчињата малку подоцна, помеѓу 12 и 16 година. Пубертетот е фаза од биолошкиот развој во која децата стануваат сексуално зрели суштества подготвени за размножување. Кај момчињата, првите промени што ги предизвикуваат хормоните се во тестисите – евидентно е нивното зголемување и создавање на тестостерон и сперма. Кај девојчињата, првите промени се насочени кон зголемување на градите. Потоа, се појавуваат првите влакна под пазувите, и на и околу гениталиите. Последната физичка промена кај момчињата се влакната на лицето, т.е. брада и мустаќи. Телото на девојчињата се пополнува и се заоблува. Колковите се шират, градите растат, за почеток со мал оток под брадавиците, и нерамномерно, едната града побрзо од другата, но на крај најчесто се изедначуваат. Најчесто, по 2 години откако ќе почнат да растат градите кај девојчињата, се случува уште една значајна промена – првиот менструален циклус.

Психолог Марија Конеска

Трн: Кои фактори влијаат за ран пубертет кај децата и која е сега возрасната граница? Кои деца имаат тенденција за ран пубертет?

Марија: Влијаат многу фактори за почетокот на пубертетот кај децата, при што денес пубертетот започнува порано од вообичаено. Видот на исхрана, храната богата со пестициди и загаденоста на околината (воздух и почва), потоа дебелина од детство, трауми од детството, употреба на лекови или хемиски супстанци за време на бременоста, се главните причини за ран пубертет. Сега, возрасната граница е поместена дури на 8 години појава на првите знаци на пубертет кај децата.

Трн: Како да им се објасни на децата?

Марија: Самиот пубертет им прави на тинејџерите да се збунети, чувствителни, лесно да се вознемируваат, темпераментни се, реагираат бурно и различно од претходно, што е збунувачки за околината и особено за родителите. Многу е важно во овие години родителите да се присутни што е можно повеќе во животот на своите деца, и покрај сите одбивања, што најверојатно ќе ги добијат, бидејќи фазата е таа, родителите не се повеќе ни авторитет, ни доволно забавни за друштво.  Меѓутоа, со интензивна комуникација и некогаш и со стручна помош, доколку е неопходно, треба да им се објасни на децата за процесот во кој минуваат и за важноста од нивната адаптација кон новонастанатите промени. Објаснувањето оди пополека, пред да започне периодот со опис на промените кои ќе се случат, со насмевка и позитивен став од страна на родителот кон тие промени кај децата кои родителот мора пред се да ги претстави како нормални и добри за детето да расте. Секако дека некои промени се непријатни, но затоа родителите треба да се постојано во разговори со нивните деца, создавање на една доверба помеѓу нив, каде детето ќе сака да разговара со својот родител и да му каже што му тежи.

Трн: Дали децата кои се соочуваат со ран пубертет задолжително треба да поразговараат со психолог?

Марија: Не, ако веќе разговарале и се припремале дома со нивните родители. Но ако родителите не му објасниле на нивното дете каков период ги чека и кои промени ќе се случат кај него, детето ќе има големо изненадување и бурни однесувања за кои се препорачува разговор со психолог и смирување на емоциите на детето кај психолог, а од друга страна да се објасни соодветно на возраста овој период на детето.

Трн: Дали и географската одредница има влијание за раниот пубертет, градска и рурална средина ?

Марија: Според некои истражувања се смета дека има, поради природниот начин на живеење. Децата во село се изложени на зеленило, природа и чист воздух, што им овозможува природен тек на растењето. Децата кои растат во градските средини, не мора да значи, но повеќето пубертетот им започнува порано заради неприродниот начин на живеење во однос на храна, загаден воздух. Други истражувања велат дека начинот на кој растеле во текот на раното детство влијаат исто така на раниот пубертет, што нема поврзаност со географска одредница. Има повеќе причини за појавата на ран пубертет.

Трн: Како тоа се рефлектира на понатамошниот живот ?

Марија: Раниот почеток на пубертетот може да има последици и врз физичкото и менталното здравје на момчињата и на девојчињата. Од една страна, раниот сексуален развој го ограничува природниот раст на децата. Во принцип, по втората година од почетокот на пубертетот, висината на девојчето стагнира. Затоа, девојчето може да биде пониско отколку што треба според генетиката на нејзините родители. Од друга страна, емоционалното влијание на раниот пубертет е значајно бидејќи овие деца поминуваат низ промени во нивните емоции, чувства и мисли кои не се во согласност со оние што ги доживуваат нивните врсници. Дури и во нивната индивидуална сфера, момчињата и девојчињата не се психолошки подготвени да се соочат со такви промени во нивните тела. Исто така, се покажало дека предвремениот пубертет е поврзан со зголемен ризик од развој на одредени болести во зрелоста, како што се дијабетес тип 2 (кај мажи) и мигрена (кај жени).

Трн: Дали хормоните и токсините од храната си носат свој дел?

Марија: Да, носат свој дел на учество во раниот пубертет. Токсините во храната се едни од главните причинители за отпочнувањето на пубертетот порано од нормално. Самиот внес на токсини влијае на неправилниот раст кај децата , особено во пубертетот бидејќи телото тогаш расте и се формира. Од друга страна, токсините влијаат и на развојот на невроните во мозокот кај детето со оглед на тоа што голем дел од фронталниот мозок се формира токму во оваа возраст.

Трн: Дали овој ран пубертет си носи и други влијанија во растењето, неприфаќање на себеси, депресија, изолација?

Марија: Голем број од денешните тинејџери страдаат од неприфаќање на себе си, ниска самодоверба, депресија, изолација и слично. Тоа се должи на голем број фактори кои се се поприсутни, како што се: неинформираност за периодот на пубертет, неправилно растење – ран пубертет, влијанија од врсниците и од социјалните мрежи за значење на поимот убавина, недоволно присуство на родителите во животот на детето, голем број разводи и слично. Има влијание и самиот период да предизвика бунило, анксиозност, нервоза кај детето, но ако тоа не се забележи, не биде детето поддржано, не расте во добра средина, тоа преминува во посериозни психички состојби како депресивна состојба, суицидни идеи, повлекување, изолација и слично.

Трн: Кои се најновите истражувања во поглед на овој феномен? Како може да се нормализира повторно ?

Марија: Студии од ендокринологија направени минатата година, покажале дека на повеќе од двојно повеќе девојчиња им бил дијагностициран предвремен пубертет после пандемијата, отколку во текот на две години пред почетокот на пандемијата.Исто така, тие медицински истражувања велат дека тој период се зголемил на повеќе од двојно последните 3 години. Најголем број од истражувањата ги барале и причините за оваој феномен, при што причините кои се посочени од нив се зголеменото ниво на стрес и нездравото хранење – прекумерна тежина кај децата.

Сите ние можеме да се вратиме кон природниот тек, нормален тек на живот ако се навратиме на многу секојдневни навики и начини на живеење од порано, во согласност со природата во која се си расте во соодветно време со соодветен ред. Се што е извештачено носи сериозни последици врз нас луѓето, а истото и врз природата се случува. Па се смета дека ако се придвижиме кон поприроден начин на функционирање, би можеле со текот на годините да го нормализираме текот на започнувањето на пубертетот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни