Во приказните, бакнежот може да ја претвори жабата во принц или да ја разбуди заспаната убавица од кома. Симболично, бакнежите се клучна точка во развојот на личноста – во моментот кога е на раскрсницата помеѓу детето и возрасниот, подготовка за романса и репродукција.
Во врските, бакнувањето создава физичка интимност која може да допре повеќе од било кои зборови. За многумина бакнежите се свети. Проститутките, барем така не учат филмовите, не се бакнуваат во усни, бидејќи тоа е чин на интимност кој го споделуваат само со нивниот вистински љубовник.
Но, бакнувањето не секогаш е романтично. Бакнежот во челото на детето е искажување на нежност и грижа, додека бакнежот во образот е еден вид на поздрав. Бакнувањето нечии нозе или земја пред нив покажува понизност и покорност. Своевремено на таков начин се покажувале почит и стравопочит кон боговите и тираните.
Со бакнеж од 10 секунди се разменуваат 80 милиони орални бактерии. На овој начин многу често се пренесуваат разни инфекции.
Па зошто го правиме тоа?
Првиот бакнеж во историјата на човештвото
Троел Арбол, асириолог од Универзитетот во Копенхаген, Данска, вели:
„Првите докази што ги имаме за бакнување уста в уста датираат од околу 2.500 п.н.е. Тој податок се појавува во митолошки текст од Месопотамија, антички Ирак. Текстот опишува двајца богови кои се парат и бакнуваат. Тоа е дефинитивно сексуална средба“, изјави Арбол за DW.
Арбол и коавторката на текстот Софи Расмусен претставија нов поглед на античката историја на бакнувањето и го објавија во списанието Science. Тие имаат нова теорија дека романтичното бакнување се развивало во повеќе антички култури во текот на неколку милениуми. Во откриените текстови се среќаваат и легенди кои го прикажуваат и еротското бакнување во Индија и Египет од 1.500 п.н.е.
Бакнувањето, на пример, е драматично прикажано во Епот за Гилгамеш, една од најстарите пишани приказни, напишана околу 2.000 п.н.е. Како и во современите толкувања, интимноста е трансформативна – дивиот човек Енкиду ја запознава светата проститутка Шамхат – сексуалниот чин со неа го претвора во маж.
Иако бакнувањето може да се сретне во многу раната еротска литература, Арбол при своите истражувања го среќава и во записи од древна Месопотамија.
„На пример, маж и жена кои не се во брак не смеат да се бакнуваат и треба да се разделат. Општеството се обидувало да воспостави правила за тоа кој смее, а кој не да се бакнува романтично. Фактот што нешто се ограничува е доказ дека е дел од секојдневието“, рекол Ардол.
Дали бакнувањето е вродено?
Арбол претпоставува дека романтичното бакнување можеби не е вродено човечко однесување. Тоа се развива низ текот на општественото живеење и се стекнува исто како и начинот на кој учиме како да се однесуваме при сексуален чин.
„Се чини дека бакнувањето не е универзално во сите култури. Тоа се совпаѓа со зголемената сложеност на социјалните интеракции“, рече тој, цитирајќи ги и историските текстови и неодамнешните податоци дека 46 отсто од човечките култури не се бакнуваат во уста.
Но, некои антрополози веруваат дека бакнувањето е вродено, барем не она од еротски порив. Однесувањето како лижење и душкање е вообичаено кај цицачите како мачки, кучиња, слонови и мајмуни. Џуџестите шимпанза (бонобо) се бакнуваат како луѓето, во уста дури и по тепачка како знак на помирување.
Експертите веруваат дека романтичното бакнување можеби еволуирало токму од ваквото однесување на овие цицачи. Ако гледаме од денешна, секојдневна дистанца истото го доживуваме и ние. Прво ја доживуваме љубовта на нашите родители преку бакнежи и прегратки пред да сретнеме личност со која ќе бидеме интимни.
Болест и бакнување
Новите докази сугерираат дека бакнувањето можеби играло улога во олеснувањето на преносот на болести низ историјата на човештвото. Патогени кои се пренесуваат при бакнувањето се вирусот на херпес симплекс 1 (HSV-1) и вирусот Епштајн-Бар кои се пронајдени на човечки останки.
Арбол укажува на докази дека ХСВ-1 ја сменил структурата во бронзеното доба, веројатно поради зголемената распространетост на романтично бакнување. Во поново време, бакнувањето играше клучна улога во пренесувањето на коронавирусот, што ги натера кинеските власти да го забранат бакнувањето, а Французите да избегнуваат да се поздравуваат.
За Тхјуи До, специјалист за микробиологија за орално здравје, кој работи на Универзитетот во Лидс во Велика Британија, не е чудно што бакнувањето е канал за пренос на болести.
„Сите ние имаме 800-900 различни видови микроби кои живеат во нашите усти“, вели До за DW. „Кога се бакнуваме, разменуваме многу плунка и секакви микроби. Постои ризик од пренесување на болест доколку едниот партнер е носител на вируси како хепатитис и HSV-1“.
Задоволство и секс
Сепак, не е се така одбивно и страшно. До објаснува дека здравата усна шуплина има урамнотежена микробна средина, а бакнувањето со партнерот само ќе придонесе за одржување на здрава рамнотежа на микроби во устата.
„Одредени типови на бактерии како што е стрептококусот саливариус може да помогнат во намалувањето на воспалението во усната шуплина. Луѓето со голем број на такви микроби можат да имаат и поздрава усна шуплина“, вели До.
Научниците веруваат дека бакнувањето е начин на тестирање на потенцијалните партнери. Центрите за задоволство во мозокот се вклучени, придружени со ослободување на хормони како окситоцин, допамин и серотонин. Отчукувањата на срцето се забрзуваат, зениците се шират… Време е да се затвори вратата од спалната соба.
Извор: n1info.rs