На повеќето од нас им е познато чувството на потреба од нешто слатко, откако сме имале обилен оброк.
Зошто е тоа така сега расветли меѓународен истражувачки тим предводен од Институтот за метаболички истражувања Макс Планк од Келн, Германија. Според нивните наоди, истите нервни клетки во нашиот мозок кои прават да се чувствуваме сити после оброк, предизвикуваат и желба за слатки.

Во студијата, научниците предводени од Хенинг Фенселау ја испитувале реакцијата на глувците на шеќер и откриле дека глувците јадат слатки дури и кога се целосно сити. Скенирањето на мозокот покажало дека одредена група на нервни клетки е одговорна за ова, пишува тимот во списанието Science. Овие таканаречени POMC неврони стануваат активни веднаш штом телото ја апсорбира храната. Кога глувците се сити и јадат бонбони, овие нервни клетки не само што ослободуваат супстанции гласници кои сигнализираат ситост, туку и опијат кој природно се произведува во телото, бета-ендорфин.
Според студијата, ова предизвикува чувство на награда што ги тера животните да јадат уште повеќе шеќер. Механизмот бил активиран во експерименти кога животните го гледале само шеќерот без да го јадат. Скенирањето на мозокот покажа дека истиот регион на мозокот и кај луѓето реагира на шеќер.

Како и кај глувците, многу рецептори за опијати се наоѓаат во близина на неврони на ситост. ,,Од еволутивна гледна точка, ова има смисла: шеќерот е редок во природата, но тој брзо обезбедува енергија”, вели водачот на студијата Фенселау и додава: ,,Мозокот е програмиран да го стимулира внесот на шеќер кога ќе стане достапен”.
Резултатите би можеле да бидат значајни за третман на дебелината. Иако веќе постојат лекови кои ги блокираат опијатните рецептори во мозокот, слабеењето што се постигнува со нив е помало од она што се постигнува со инјекции за потиснување на апетитот. Фенселау вели дека комбинацијата на различни терапии може да биде корисна, но предупредува: ,,Сè уште треба да го истражиме ова дополнително”.