Светски ден на велосипедот: Четири урбани приказни на две тркала
Зошто сакам да возам точак?
„Еден велосипед повеќе, еден автомобил помалку“ – зошто овие луѓе не го заменуваат точакот за ништо. Во денешниот урбан хаос, четири познати лица ни ја раскажаа својата љубовна приказна со велосипедот – не како хоби, туку како филозофија на живеење.
Зока Црношија, маркетинг менаџерка и урбан лик, „На премиера или на пазар, со штикли или во тренерки – велосипедот е секогаш со мене.“
„На велосипед сум повеќе од 35 години. Никаде не одам без велосипед, а приликата и дистанцата воопшто не играат улога. На премиера или на настан, на 30 години матурска прослава или на работа, на пазар или на театарска претстава – сеедно, велосипедот е со мене.
Го возам со штикли, во најделикатна гардероба или по тренерки. Порано возев и деца на истиот велосипед, а денес пренесувам на него сè – од лаптоп и реквизити за снимања, до торти и колачи. Мојот велосипед има 30 години, е стар и исчукан, но е дел од моето ДНК. Тој е аналогија на мојата идеологија – живот со најмало можно негативно влијание врз околината и врз луѓето.“
Зока Црношија
Бобан Тодоровски, стилист: „Мојот точак го викам Ferrari – сакам брзо да го возам!“
„Возам точак од мали нозе, уште од кога научив да одржувам рамнотежа. Го сакам затоа што ми дава чувство на слобода и ми е омилен начин на движење низ град – брз, ефикасен и без гужви.
Најчесто се движам до работа, на кафе со пријатели или едноставно возам низ Водно или парк кога сакам да се опуштам. Со точакот превезувам секакви работи – ранец, кучето ми е секогаш со мене, а и понекогаш и ringlight за шминкање 😆. Сакам точакот да е удобен, стабилен и визуелно убав. И да, мојот точак нема конкретно име – го викам Ferrari затоа што сакам брзо да го возам!“
Бобан Тодоровски
Ана Јовковска, новинарка, авторка и истражувачка: „Ако Пепелашка ја земе принцот на велосипед, сите девојчиња ќе сакаат да возат велосипеди.“
„На велосипед сум секој ден! Без исклучок – и кога врне и кога вее и на 40 степени. Возам под липи, под дожд, лето и зима. Се надевам дека праќам порака – дека велосипедот не е само играчка или реквизит, туку превозно средство.
Со својот личен вело-ангажман сакам да дадам придонес во борбата против загадувањето и климатските промени – еден велосипед повеќе, еден автомобил помалку.
Ана Јовковска
За мене, возењето има две димензии: слободарска – „летам кога возам“, се топам со природата, и општествено-ангажирана – се борам за подобри услови за урбан велосипедизам. Како што рекол Фред Кент: ‘Ако планирате градови за луѓе и места – ќе добиете луѓе и места.’“
Костадин Шурбановски, Шурбе, музички новинар, менаџер, диџеј – „Велосипедот е насмевка“
Mојот најблизок пријател и сопатник. Секогаш е со мене. Не можам да си го замислам животот без него. Кога го возам, чувствувам како да водам љубов со природата. Луѓето во овој град никако да сфатат дека автомобилот е несреќа. Сообраќајна и лична. Имам автомобил, но го возам само кога морам, во крајна нужда. Ене го, паркиран, целиот прекриен со прашина, што доволно зборува колку го сакам. Градот, иако автоцентричен, станува сè поневозможен и понеподнослив за автомобилите. Да не спомнувам паркирање. Велосипедите, од друга страна, конечно доживуваат ренесанса кај нас, што е супер позитивен тренд. Тоа е резултат на подобрените услови за оваа активност, за што веројатно најзаслужни се активистите од неколкуте вело-иницијативи од кои би ја истакнал „На Точак“, кои ревносно, умешно и континуирано им дишат во врат на градските и општинските татковци и мајки… за општо добро!
Костадин Шурбановски
Среќен Светски ден на велосипедот! Велосипедот не е само превоз – тој е став, избор и револуција со педали.