Американските федерални власти ја укинаа ненадејната забрана за летање над Меѓународниот аеродром во Ел Пасо, Тексас, која беше во сила само неколку часа. Како првична причина за затворањето беа наведени дронови на мексикански наркокартели, но подоцна се појавија и спротивставени информации дека станува збор за воени вежби, објави „Индипендент“.
Прекуграничната урбана зона што ја сочинуваат Ел Пасо (САД) и Сиудад Хуарез (Мексико) брои повеќе од два милиони жители и е една од најголемите во Северна Америка.
Дронови на картели или воена операција?
Федералната управа за воздухопловство (FAA) во средата наутро соопшти дека забраната е укината.
„Привремената забрана за летање над Ел Пасо е укината. Нема закана за комерцијалното воздухопловство. Сите летови продолжуваат нормално“, се наведува во соопштението.
Претставник на администрацијата на Доналд Трамп изјавил за „Индипендент“ дека дронови на мексикански картели навлегле во американскиот воздушен простор и биле онеспособени од Министерството за одбрана, по што FAA утврдила дека нема опасност за цивилните летови.
Од друга страна, „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извор запознаен со ситуацијата, објави дека затворањето било поврзано со тестирање на технологија против дронови во блиската воена база. Слично извести и CNN, наведувајќи дека станува збор за воени операции во базата Форт Блис и дека „FAA реагирала откако Министерството за одбрана не можело да гарантира безбедност на цивилните летови“.
Блокадата предизвика вознемиреност
Забраната првично беше најавена за период од 11 до 21 февруари поради „посебни безбедносни причини“. Таа опфаќаше радиус од 10 наутички милји и висина до околу 5.500 метри, со исклучок на мексиканскиот воздушен простор. Аеродромот соопшти дека мерката се однесува на сите летови – комерцијални, товарни и приватни.
Конгресменката Вероника Ескобар, која го претставува Ел Пасо, ја оцени одлуката како сериозна и без преседан, истакнувајќи дека нема непосредна закана за заедницата. Градскиот советник Крис Каналес изјави дека недостигот на претходна најава е „особено загрижувачки“, додека конгресменот од Ново Мексико, Гејб Васкез, предупреди дека одлуката може да има сериозни економски последици за регионот.
Страв и шпекулации на социјалните мрежи
Аеродромот во Ел Пасо годишно опслужува повеќе од три милиони патници. Според податоци на компанијата „Сириум“, во следните десет дена биле закажани повеќе од 1.000 летови, што значи дека илјадници патници можеле да бидат погодени.
Недостигот на јасно објаснување за ненадејното затворање и брзото укинување на забраната предизвика бројни реакции и шпекулации на интернет.
FAA појасни дека не постојат федерални правила за компензација при откажани или одложени летови и дека секоја авиокомпанија има сопствени политики. „Јунајтед ерлајнс“ соопшти дека патниците можат бесплатно да ги променат билетите, додека „Саутвест ерлајнс“ најави дека ќе ги информира засегнатите патници за понатамошните чекори.
