Секоја година, јуни е обоен во виножито. Но зошто токму јуни?
Одговорот води назад до еден бар во Њујорк и еден крик што го слушна целиот свет.
Добредојдовте во Stonewall Inn.
Што е Stonewall Inn и што се случи таму?
Stonewall Inn бил скромен геј бар на Кристофер Стрит во Гринич Вилиџ, Њујорк, управуван од мафијата, но едно од ретките места каде ЛГБТИК+ заедницата можела да се чувствува безбедно.

На 28 јуни 1969, полицијата влегува во барот поради наводно прекршување на лиценца за алкохол – но тие „упади“ биле редовни и насилни, насочени кон квир лица, трансродови лица и дрег кралици.
Но таа ноќ, за првпат, заедницата одби да молчи. Луѓето излегоа на улица, возвратија на полицијата, и започнаа шестдневни протести и судири.
Тоа беше првиот масовен отпор на ЛГБТИК+ заедницата против државното насилство. И затоа го нарекуваме:
The Stonewall Uprising (Stonewall востание).

Да, Stonewall Inn сè уште постои, и денес е национален историски споменик. Тоа е симбол на отпор и гордост.
Затоа Прајд се одржува во јуни.
На првата годишнина од востанието, на 28 јуни 1970, активистите организираа првата Парада на гордоста во Њујорк, наречена Christopher Street Liberation Day March.
Следеа паради во Лос Анџелес, Чикаго, Сан Франциско, а потоа – целиот свет.
Во 1999, американскиот претседател Бил Клинтон го прогласи јуни за “Gay and Lesbian Pride Month”, а денес над 100 држави слават различност, љубов и слобода во јуни.

Но не секогаш со балони. Во некои земји, прајдот и денес е опасност – револуционерен чин.
А што се случува во Македонија?
Во 2019 се одржа првиот Скопје Прајд. Тоа беше почетокот на едно ново движење – гласно, храбро, автентично.

А оваа година – на 21 јуни 2025 – ја имаме ШЕСТАТА ПАРАДА НА ГОРДОСТА.
Но оваа година е различна. И пораката е јасна:
Ова не е прослава. Ова е протест.
📍Без бини.
📍Без журки.
📍Само отпор.
Почнуваме од Парк Жена-борец во 18:00 часот.
Маршираме пред Собранието, Министерството за образование и Владата.
Под слоганот „Ќе (оп)стоиме заедно!“, го креваме гласот за:
- младите кои заминуваат,
- трансродовите лица што се невидливи,
- квир телата што се избришани.
Прајд не е шоу – туку отпор.
И сè додека нема еднаквост – ние не славиме.
Се организираме.