Иако се сосема различни по својата структура, и заљубеноста и љубовта се комплексни, социјални чувства, кои се јавуваат како наш одговор на личноста што ни значи. Заљубеноста е ирационален феномен, илузија. Станува збор за односот на човекот кон неговата претстава за партнерот. Се работи за однос кон фантазијата за идеален партнер, која е сочинета од желби и од потреби.
Но како и секоја претстава, таа има свој крај. Времето поминато со партнерот носи ситуации низ кои го запознаваме и кои ја менуваат првичната идеализирана и нереална слика за него. Доколку новооткриените црти на партнеровата личност не се во согласност со нашите психолошки потреби, чувствата ни се менуваат и се оддалечуваме од него, поточно „се одљубуваме“.
Зошто посакуваме да му се вратиме на бившиот?
Ако по подолг период на осаменост, посакате да ја обновите врската со бившиот партнер, тоа најчесто се случува затоа што сте долго време сами. Треба да се земе предвид дека помеѓу осаменост и самотија не стои знак еднакво, но самотијата е добра основа за раѓање на чувството на сопствена изолираност и празнина на емотивен план. Се разбира, тоа не е доволно за да почнеме повторно да размислуваме за врска со бившиот. Во таква состојба, на лицата што се најчесто помалку зрели и со пасивно-агресивни карактерни црти самотијата им претставува и кризна ситуација во која почнуваат да размислуваат на таков начин.
Но, доколку одлуката за раскинување на врската ја донела зрела личност, таа е резултат на зрели причини, поради одредени значајни карактерни несогласувања. Ваквата личност во периодот на самотија ќе ја анализира претходната врска, првенствено за подобро разбирање на себеси и на својата околина. На тој начин последното искуство ќе биде доживеано како чекор поблиску до откривање на сопствениот идентитет, односно на реалното ЈАС, реалното ТИ и за креирање реални очекувања од партнерскиот однос. Всушност, тоа е скала поблиску до тронот наречен „да се биде способен за љубов“ и „да се биде подготвен за неа“.
Извор: telegraf.rs