Според нова студија, генерален прекин на струја како оној на 28 април може да стане повторлив сценарио поради ограничената поврзаност со континенталната електрична мрежа.
Околу 60 милиони луѓе останаа без електрична енергија неколку часа во април годинава поради масовен прекин што ги остави Португалија и Шпанија во мрак. Ова беше најголемиот прекин на струја во модерната историја — сценарио кое можеби и нема да биде единствено.
Португалија и Шпанија се најранливите земји во Европа кога станува збор за прекини на струја, според студија на британскиот тинк-тенк Ember, кој се фокусира на енергетската транзиција.
„Иберискиот Полуостров е поранлив на ризик од прекини во споредба со другите европски земји поради ограничената поврзаност со континенталната мрежа“, стои во студијата.
По прекинот, Шпанија и Португалија побараа поддршка од ЕУ за нови проекти за интерконекција, велејќи дека посилна поврзаност е клучна за избегнување идни прекини.
Колку време им требаше за опоравување?
Според Ember, Шпанија целосно ја врати струјата по 16 часа, со помош од Франција и Мароко.
„Само 10 минути по прекинот, првата линија Шпанија-Франција беше повторно активирана, потоа следуваа врските со Мароко и други врски со Франција“, се наведува.
Португалија, според министерката за животна средина Марија Граса Карваљо, ја стабилизираше мрежата по 10 часа, но без веднаш добиена надворешна помош.
Електропреносната компанија REN ги активираше домашните хидроцентрали и гасни постројки. Првите „енергетски острови“ проработеа околу 16:00 часот. Првата интерконекција со Шпанија се врати во 18:36 ч., по што обновата се забрза.
Причини за прекинот
Шпански владин извештај укажува на „мултифакторска причина“: Инциденти со пренапон и недоволно планирање и слаби мерки за контрола на напон. Извештајот исклучува можност за сајбер напад или надворешна интервенција.
Ограничен капацитет за увоз на струја
Ember посочува дека до 55% од европската електро-мрежа е ранлива, бидејќи многу земји имаат ограничена способност за итен увоз на електрична енергија.
Најизложени се: Шпанија, Ирска и Финска
Португалија речиси целосно зависи од Шпанија, што значи дека ако таму има проблем — нема други опции за поддршка.
Повици до ЕУ за инвестиции во интерконекции
По прекинот, владите на Шпанија и Португалија го повикаа Брисел на политичка и финансиска поддршка за нови интерконекции и организирање на министерски состанок до крајот на 2025 за создавање патоказ до 2030/2040.
Овој масовен прекин е аларм за ЕУ – без зголемена интерконекција, региони како Иберија може да останат изолирани во идни енергетски кризи.