Зошто печатите во пасошите би можеле да станат минато

Како што патувањето станува сè подигитализирано, омилената традиција на добивање печат во пасошот би можела наскоро да исчезне.

Процесот на предавање на пасошот на граничен службеник и добивање печат што го означува вашето пристигнување во нова држава би можел да стане минато. Во октомври 2025 година, ЕУ започна со воведување на Системот за влез и излез (EES), нова дигитална алатка за управување со границите, која бележи биометриски податоци, како и датумите на влез и излез на државјани кои не се од ЕУ и патуваат во и надвор од шенген-зоната.

Откако целосно ќе се примени во април 2026 година, системот ќе го замени рачното удирање печати во пасошите со дигитална проверка, правејќи го процесот поефикасен и побезбеден и означувајќи значајна промена во начинот на кој некои патници ги минуваат европските граници.

Оваа промена е дел од поширок глобален тренд. Земји како Австралија, Јапонија и Канада веќе користат биометриски податоци на граничните премини, додека САД најави проширување на слични системи. Како што дигиталната обработка станува стандард, тивко може да стави крај на една долгогодишна патничка традиција, собирањето печати во пасошот.

„Верзии на пасошки печати постојат уште од средниот век или ренесансата“, вели Патрик Биксби, професор на Универзитетот на Аризона и автор на книгата Дозвола за патување: културна историја на пасошот. „Восочен печат се ставал на писма за безбеден премин од европските владетели. Тоа се некаков почеток, барем според мене.“

Иако патните документи и некакви печати постојат со векови, дури на почетокот на 20 век почнале да се обликуваат модерните пасоши. По Првата светска војна, Лига на нациите помогнала да се стандардизираат пасошите, во време кога границите станувале сè построго контролирани.

До 1950-тите години, модерната традиција на добивање печати во пасошот станала симбол на мобилност и статус, кога светот влегол во „златната ера“ на патувањето, а летовите станале подостапни за пошироката јавност.
„Навистина дури по Втората светска војна и обновувањето на меѓународните патувања, печатите ја добиваат сентименталната вредност што ја имаат денес“, додава Биксби.

Со можноста печатите да исчезнат, реакциите меѓу патниците се поделени.

„Навистина ќе ми недостигаат печатите во пасошот“, вели Христина Набосни, која живее во Лондин. „За мене тие отсекогаш биле повеќе од доказ за влез – тие се мали спомени од посетените места и земји.“

Слично мисли и писателката Ел Булејдо од New York. „Губењето на печатите во пасошот има горчливо-слатко чувство. Иако ја разбирам потребата од побрзи и поефикасни процеси, добивањето печат секогаш било мало признание. Тоа е доказ дека сте ја преминале границата и сте пристигнале некаде за кое можеби само сте сонувале.“

Други се попрагматични. Хорхе Салас-Гевара, претседател и основач на туристичката компанија New Paths Expeditions, вели дека го радува времето што ќе се заштеди. „Годишно поминувам од 250 до 300 дена на пат, постојано минувајќи граници, така што за луѓе како мене оваа промена е олеснување.“

Иако некои патници ќе ја жалат носталгијата на собирање пасошки печати, многумина планираат своите патувања да ги обележуваат на други начини со магнети за фрижидер или други сувенири.

Сепак, за Биксби секогаш ќе има нешто посебно во тоа да имате опиплив запис од вашите патувања. „Ова е всушност поголемо прашање за аналогното наспроти дигиталното“, вели тој. „Има нешто во тоа да имате документ што бил со вас додека сте биле таму. Тоа создава одредена ‘аура’ околу физичкиот предмет, која исчезнува кога сè станува дигитално.“

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни