Зошто островот Харг е клучен за Иран: местото преку кое минуваат 90% од нафтените извози

Островот Харг во Персискиот Залив е главната извозна точка за иранската нафта. Американските напади погодија воени цели на островот, но нафтената инфраструктура засега не е уништена.

Во првите две недели од најновата војна на Блискиот Исток, додека американските и израелските напади погодуваа воени и енергетски објекти низ Иран, едно место долго време остана недопрено – островот Харг.

Иако е мал по површина, овој остров е економска артерија на Иран, бидејќи преку него се извезуваат околу 90 проценти од иранската сурова нафта. Токму затоа секој напад врз него би можел да предизвика сериозна ескалација и да го потресе светскиот енергетски пазар.

Сепак, во петокот САД извршија напади врз воени цели на островот. Според американски претставници и иранските државни медиуми, објектите поврзани со нафтената трговија не биле цел на нападите. Американскиот претседател Доналд Трамп, сепак, предупреди дека тие би можеле да станат мета доколку Иран продолжи да го блокира поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.

Зошто островот е толку важен

Малиот корален остров се наоѓа во северниот дел на Персискиот Залив, на околу 25 километри од иранскиот брег. Секојдневно милиони барели сурова нафта од најголемите ирански нафтени полиња – Ахваз, Марун и Гачсаран – преку нафтоводи пристигнуваат на островот.

Поради строгите воени контроли, Иранците го нарекуваат и „Забранетиот остров“. Неговите долги пристаништа се протегаат во води доволно длабоки за нафтени супертанкери, што го прави клучна точка за извоз на нафта. Преку Харг се обработува и испраќа околу 90 проценти од иранската нафта наменета за извоз.

Значењето на островот за иранската економија е познато со децении. Во документ на ЦИА од 1984 година се наведува дека овие постројки се „најважниот дел од иранскиот нафтен систем и нивното непречено функционирање е клучно за економската стабилност на земјата“.

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид неодамна изјави дека уништувањето на терминалите на островот би можело „да ја парализира иранската економија и да го урне режимот“.

Иран обезбедува околу 4,5 проценти од светското производство на нафта, со дневно производство од околу 3,3 милиони барели сурова нафта и дополнителни 1,3 милиони барели кондензат и други течности. Според податоците на TankerTrackers.com, танкерите се полнат на островот речиси непрекинато откако започна војната.

Во неделите пред американско-израелските напади, извозот од Харг се зголемил до нивоа блиску до рекордни, наведува американската инвестициска банка JP Morgan во анализа што ја пренесува Ројтерс.

Што се случи со нападот

Доналд Трамп во петокот објави дека американската војска извела, како што рече, „еден од најсилните бомбардерски напади во историјата на Блискиот Исток“, при што биле погодени воени цели на островот Харг.

Видео што Трамп го објави на платформата Truth Social, а кое го геолокализираше CNN, прикажува напади врз аеродромот на островот и неговата писта.

Американски воен претставник изјави за CNN дека нападите биле „во голем обем“, но дека намерно била избегната нафтената инфраструктура. Меѓу погодените цели биле складишта за поморски мини, бункери за ракети и друга воена инфраструктура.

Иран соопшти дека на островот се регистрирани повеќе од 15 експлозии, но дека нафтените постројки не се оштетени, пренесе државната новинска агенција Фарс.

Трамп, сепак, предупреди дека нафтените објекти на островот би можеле да станат следна цел доколку Иран продолжи да го попречува минувањето на бродовите низ Ормускиот теснец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни