Зошто ни се потребни жени на раководни функции?

Во последните 100 години се чинеше дека постигнавме цивилизациски исчекор во однос на вклучување на жените како активни општествени чинителки. Борбата за проширување на човековите права кон сите значеше генерации на жртви. Сепак повторното отворање на темата за местото на жената во современото општество; сомневање за способностите на жените на работните места, а посебно оние на раководни позиции особено е потребно да се навратиме кон некои важни моменти и да аргументираме зошто жените треба да бидат на раководни позиции.

Токму во периодот после Втората светска војна жените добиваат и формални политички функции. Ова всушност беше дел од пошироката борба за еманципација која се одвиваше паралелно со создавањето на пост-воениот свет. Во нашиот домашен контекст ова барање за еманципација е најчитливо во првите зборови од првиот број на списанието „Македонка“ од 1944: „Македонската жена, како и жената на останалите народи на Југославија денес е полноправна грађанка во нашата татковина демократска и федеративна Југославија. Тоа значи да она има право на еднакво участие во целокупниот државен, привреден, друштвен и културен живот“.

Историјата сведочи за моќни жени кои практикувале реална моќ зад кулисите. Од бројните примери може да се издвои Елеонор Рузвелт која беше водечка сила во процесот на создавање на Универзалната декларација за правата на човекот која стана основа за меѓународниот поредок после Втората светска војна.

Кога жените се значајно претставени и ангажирани во раководните тела – како што се законодавните тела, судовите, извршните одбори и советите на заедниците – поверојатно е дека законите, пресудите и одлуките ќе бидат инклузивни, репрезентативни и покажуваат разбирање за различните перспективи. Оваа зголемена застапеност има и опипливи економски придобивки: земјите со поголем процент на жени како врвни носители на одлуки во законодавните тела имаат тенденција да имаат пониски нивоа на нееднаквост во приходите. Слично на тоа, во корпоративниот сектор, компаниите со повеќе жени на раководни позиции се попрофитабилни.

Во светски рамки од 1960 до 2024 една третина од членките на Обединетите Нации имале жена на чело на државата. Од сегашните 13 лидерки на влади, истите се први жени на таа функција. Во регионалниот контекст на Балканот постојат примери на политички и општествени лидерки. Во повоениот контекст се издигнува Латинка Перович која на 20-годишна возраст станала членка на Претседателството на ЦК на Националната младина на Србија, а на 23-годишна возраст била членка на Претседателството на ЦК на Националната младина на Југославија. До нејзината смрт се посветила на историските истражувања и стана позната како истакнат познавач на српската историја од 19 век, како и на современата српска историја. Таа е првата личност која ги карактеризира случувањата во Сребреница во 1995 како геноцид. Во поновата историја може да се истакнат лидерки во скоро сите држави. Во Грција Екатерини Сакеларопулу, која во 2020 стана претседателка на Грција. Во Хрватска, Колинда Грабар Китанович беше претседателка од 2015 до 2020. Во Северна Македонија, во 2024 година беше избрана првата претседателка на државата – Гордана Силјановска Давкова. Дополнително, истата година Радмила Шекеринска беше избрана за заменик генерална секретарка на НАТО. Таа е втората жена во историјата на алијансата што е на оваа функција.

Покрај жените на политичката сцена, свој белег оставиле и правничките во различни сфери на правото. Така, во 1995 во Меѓународниот суд на правдата беше изгласана првата судијка, Росалин Хигинс, која во 2006 стана првата претседателка на судот. На европскиот континент, прва претседателка на Европскиот суд за човекови права е Сиофра О’Лири (Síofra O’Leary). Судиите во Европскиот суд за човекови права се избираат од Парламентарното собрание на Советот на Европа од листите со тројца кандидати предложени од секоја држава. Од Република Северна Македонија, која е членка на Советот на Европа од 1995, првата судијка е избрана во 1998 – Маргарита Цаца Николовска.

Ситуацијата во националното правосудство остава простор за подобрување. Обезбедувањето родова рамноправност во правосудството сé повеќе се истакнува како клучно прашање тесно поврзано со правичноста, транспарентноста и ефективното владеење на правото. Анализата која ја изработи Центарот за правни истражувања и анализи укажува на важни достигнувања, но и на значителни предизвици во однос на практичната примена на овие принципи.

Анализата покажа дека во 15 од 34 судови, претседатели на судовите се жени. Етнички, доминираат Македонки, две Албанки и една Турчинка, додека другите етнички заедници не се застапени. Во делот на јавното обвинителство во периодот од 2021 до 2023 континуирано има поголем број жени одошто мажи. Во адвокатурата е забележан пад на учеството на жените, со значително намалување од 190 регистрирани адвокатки, додека бројот на мажи адвокати расте за 170. Учеството на жените во позиции на моќ внесува нови перспективи и можности во работата на институциите. Историскиот развој и актуелните примери покажуваат дека жените имаат значајна улога во политичкиот, правниот и општествениот живот на глобално, регионално и национално ниво.

Иако е постигнат значителен напредок, потребата за застапување на жени на раководни позиции останува клучна за постигнување целосна еманципација и еднаквост. Борбата за инклузија, како на политичката сцена така и во професионалните сфери, е одраз на вредностите на правдата и еднаквоста, кои треба да продолжат да бидат водечки принципи. Поради тоа, вложувањето во еднаков пристап и застапеност на жените во сите области не е само прашање на правичност, туку и на напредок на општеството во целост.

Авторот е магистер по меѓународно право и човекови права

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни