Зошто некои луѓе ни се привлечни на прв поглед, а други нѐ привлекуваат по некое време?

Истражувањата покажуваат дека е потребно помалку од една секунда по средбата со некоја личност за да одлучиме колку ни се допаѓа таа личност и дали нè привлекува или не.
Фото: Richard Min/Flickr

За некои, привлечноста се јавува по долгогодишно пријателство. Одеднаш, колега или близок пријател може да ви изгледаат неверојатно привлечни, вели сексуалниот терапевт Ли Норен.

„Во други случаи може да оди во спротивна насока, а привлечноста кон вашиот партнер, на пример, исчезнува само за повторно да се појави, исто толку неочекувано, неколку месеци подоцна“, додава тој.

Кога станува збор за таа инстантна привлечност со која многумина од нас можат да се поистоветат, тежнееме да ја припишеме на работи за кои сме свесни, како што е изгледот на една личност.

„Не е невообичаено да се има ‘тип на личност’ и тоа е она што го одредува ‘првиот клик’ кога станува збор за привлечноста. Меѓутоа, во исто време се вклучени и многу други фактори, кои всушност повеќе влијаат на привлечноста отколку само на изгледот“, објаснува Норен.

Тој вели дека истражувачот Џастин Лехмилер се осврнал на оваа тема во неговата книга „Психологијата на човековата сексуалност“, а ова се други фактори кои влијаат на моменталната привлечност:

Близина

Поголема е веројатноста да не привлече некој што ни е географски поблизок, како што е некој што живее во нашата област или колега на работа.

Сличност

Поголема е веројатноста да ни се допаѓа некој кој е сличен на нас. Сепак, сличноста не гарантира долговечност на врската или колку сме среќни заедно.

Физичка возбуда

Кога сретнуваме некого што не го познаваме и сме физички возбудени (на пример, пулсот ни се зголемува како резултат на адреналинот), тоа ги зголемува шансите да почувствуваме моментална привлечност.

Расположението

Ни се допаѓаат луѓето кои прават да се чувствуваме добро. Исто така, ние ги сакаме другите повеќе кога самите се чувствуваме добро, дури и ако тие не се поединци кои нè прават да се чувствуваме добро за почеток.

Помал избор

Кога изборот на потенцијални партнери е намален, присутните се сметаат за попривлечни. Исто така, кога се чини дека овие партнери потешко се „фаќаат“, тие ни стануваат попривлечни, вели Норен.

Изглед

Луѓето од сите родови идентитети се повеќе привлечени од луѓе за кои мислат дека се убави.

Но, привлечноста што ја чувствуваме може да зависи од тоа дали таа личност е перципирана како привлечна од другите и од контекстот во кој се наоѓаме (односно дали има други привлечни/помалку привлечни луѓе во истата просторија), објаснува терапевтот.

„Изгледот на една личност обично е поважен на почетокот на врската отколку подоцна во романтична врска“, додава тој.

Хормони и невротрансмитери

Привлечноста што ја чувствуваме е делумно одредена од нашето сетило за мирис и она што се нарекува феромони. Покрај тоа, повисоките нивоа на окситоцин и допамин може да го зголемат нивото на привлечност.

„Значи, како што можете да видите, има многу фактори кои влијаат на тоа дали некому ќе му бидеме привлечни или не“, заклучил терапевтот, пишува „Your Tango“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни