Зошто некои луѓе мислат дека никогаш не сонуваат

Иако многумина уверено тврдат дека „не сонуваат“, научниците и психолозите се согласуваат во едно: секој човек сонува, секоја ноќ, без исклучок. Но зошто тогаш постојат луѓе кои никогаш не се сеќаваат на своите соништа?

Многумина се будат со впечаток дека нивниот ум бил празен, како да поминале низ некаква безвременска тишина. Некои го сметаат тоа за карактеристика на својата личност, но науката има поинакво објаснување. Сонувањето се случува во REM фазата на спиењето, период во кој мозокот е речиси исто толку активен како кога сме будни. За време на оваа фаза, се зацврстуваат сеќавањата, се преработуваат емоциите и се редат искуствата од текот на денот.

Кога некој тврди дека не сонува, најчесто станува збор за тоа дека не се сеќава на соништата. На способноста да ги пресликаме во свесната меморија влијаат многу фактори, од квалитетот на сонот, нефреквентни будења ноќе, стресот и навиките на спиење, па сè до генетиката. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои полесно се будат во REM фазата почесто ги паметат своите соништа, додека оние што спијат потежок и подлабок сон почесто имаат впечаток дека не сонувале ништо.

Понекогаш минуваат недели или месеци без да се присетиме на соништата. Тоа може да биде последица на пократка или прекината REM фаза, но и на дејството на одредени медикаменти, како антидепресиви или таблети за спиење, кои ја намалуваат живописноста на соништата.

Од психолошки аспект, периодите без сеќавања на сонови не се нужно знак за проблем. Тие може да упатуваат на фаза во која умот помалку се задржува на емоциите, или ефикасно ги обработува информациите без да ги преточи во визуелни приказни. Сепак, доколку долготрајниот изостанок на соништа е придружен со несоница или други нарушувања на спиењето, препорачливо е да се следи и, по потреба, да се побара стручно мислење.

Науката е јасна: сите сонуваме, прашањето е само дали ќе се разбудиме во вистинскиот момент за да се сетиме на она што сме го сонувале.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни