Можеби звучи необично, но научниците во Швајцарија замрзнуваат човечки измет во специјализиран „сеф за судниот ден“, кој веќе содржи повеќе од 1.000 примероци. Нивната цел е да соберат вкупно 10.000 примероци до 2029 година, бидејќи човечкиот измет содржи милијарди микроорганизми кои еден ден би можеле да бидат клучни за решавање на сериозни здравствени и медицински проблеми.
Покрај примероците од измет, овој швајцарски објект складира и околу 200 видови ферментирана храна богата со корисни микроорганизми за здравјето на цревата, а планот е да се прошири колекцијата со микроби од околината.
Долгорочната цел на проектот е да се создаде „резервна копија“ од микроби што ги населуваат луѓето, животните, растенијата и природните екосистеми. На тој начин, идните генерации би можеле да ги користат за научни истражувања, обновување на оштетените екосистеми и развој на медицински третмани.
Научниците предупредуваат дека губењето на микробната разновидност може да придонесе за појава на хронични болести како што се алергии, автоимуни и метаболички нарушувања. Исто така, деградацијата на микробиомот влијае на екосистемите, ја нарушува отпорноста на природата и одржливоста на земјоделството.
Зад овој проект стои загриженоста дека човечките активности, како што се интензивното земјоделство, прекумерната употреба на антибиотици и последиците од климатските промени, сериозно го нарушиле балансот на микробиомот кај луѓето, животните и природата.
Научниците веруваат дека во иднина, микробите можеби ќе треба да се „вратат“ во екосистемите за да се надополнат.
„Постојат многу докази дека човечките активности го осиромашуваат нашиот микробен свет“, рече д-р Мартин Блазер, директор на Центарот за напредна биотехнологија и медицина на Универзитетот Рутгерс во САД и коавтор на трудот објавен во списанието Nature Communications.
Досега нема јасни докази дека замрзнатите микроби можат успешно да се вратат во телото или природата, но научниците веруваат дека напредокот во науката ќе овозможи развој на ефикасни методи за нивно обновување.
Проект наречен „Трезор за микробиоти“ беше лансиран во 2018 година, инспириран од норвешкиот „Трезор за судниот ден“ на островот Свалбард, кој складира над 1,3 милиони примероци од растителни семиња од целиот свет.
Во текот на изминатите седум години, швајцарскиот тим собра 1.204 примероци од човечки измет и 190 примероци од храна од земји како Бенин, Бразил, Етиопија, Гана, Лаос, Тајланд и Швајцарија. Сите примероци моментално се чуваат на -80°C на Универзитетот во Цирих.
Проектот сега влегува во фаза на проширување, во која целта е да се соберат уште илјадници примероци, вклучувајќи микроорганизми од загрозени екосистеми.
Се разгледува и трајна локација за сефот, по можност во земја со ладна клима, како што се Швајцарија или Канада.