Додека летото полека се повлекува, за нас на северната хемисфера есента започнува на 22 септември, во 20:19 часот по локално време. Овој момент е познат како есенска рамноденица, кога Сонцето го преминува небесниот екватор движeјќи се кон југ. Од тој момент, деновите стануваат сè пократки од ноќите.
Што значи „рамноденица“?
Зборот рамноденица потекнува од латинските зборови aequus (еднаков) и nox (ноќ), што би значело дека денот и ноќта се еднакви. Но, ова би било точно само доколку Земјата немаше атмосфера.
Атмосферата на Земјата ја прекршува светлината од Сонцето, така што го гледаме Сонцето на хоризонтот неколку минути пред да изгрее и неколку минути по неговото заоѓање. Тоа додава неколку минути дополнителна дневна светлина токму на денот на рамноденицата.
Затоа, на самиот ден на есенската рамноденица, денот всушност трае неколку минути подолго од ноќта.
Кога навистина денот и ноќта се изедначуваат?
Вистинското изедначување се случува неколку дена подоцна и се нарекува еквилукс – термин составен од латинските зборови equi (еднакво) и lux (светлина).
Оваа точка на изедначување на денот и ноќта зависи од географската ширина, а кај нас во Македонија еквилуксот се случува околу 25 септември.
Како астрономите го мерат денот и ноќта?
Астрономите го пресметуваат времетраењето на денот од моментот кога првиот дел од Сончевиот диск се појавува над хоризонтот (изгрејсонце), до моментот кога последниот дел исчезнува (зајдисонце).
Бидејќи Сонцето не е точка туку диск, и поради атмосферската прелом, вистинското изедначување се случува на други датуми – не на рамноденицата.
Есенската рамноденица е астрономски момент, но не и точка на апсолутна рамнотежа меѓу денот и ноќта. Тоа се случува неколку дена подоцна – и токму тоа нè потсетува дека природата не е толку прецизно поделена како календарот.
Извор: N1info.rs