Овој поим – квалитет на живот – во себе ги сублимира сите горливи проблеми на младите: лошиот образовен систем, ниската финансиска моќ, недостигот на јавни услуги, корупцијата, недовербата во институциите и ограничените можности за професионален развој. Додека анализите постојано ги посочуваат причините за оваа состојба, клучното прашање што се наметнува е: што презема државата за да го промени овој тренд?
Агенцијата за вработување за Трн.мк сподели статистика за бројот на искористени мерки за вработување и самовработување во 2024 година. Податоците ја отвораат дилемата – дали овие програми реално ги мотивираат младите да останат во земјата или се само делумно решение што не ги адресира длабоките проблеми?
Од една страна, институциите уверуваат дека преземаат конкретни чекори за подобрување на можностите за младите, но од друга страна, Националниот младински совет на Македонија укажува дека мерките не се доволни и не одговараат на вистинските потреби на младите. Дали младите навистина добиваат шанса за подобра иднина дома или миграцијата останува нивниот единствен излез?
Во продолжение следи анализа на официјалните податоци од Агенцијата за вработување и разговор со Бобан Јаневски од АВРСМ и ставовите на претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Филип Ивковски.
Со Гаранција за млади (ГМ) на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци по евидентирање во евиденцијата за невработени лица им се понудува вработување, континуирано образование и обука, односно вклучување во некоја од активните програми и мерки за вработување.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/boban-1024x768.jpg)
„Во 2024 година имплементацијата на Гаранцијата за млади успешно се реализираше на целата територија на Република Северна Македонија, со посебен акцент на NEET-млади лица (лица кои се невработени, не се вклучени во образование или обука). Планираниот опфат на учесници во Гаранција за млади на целата територија на државата кој беше околу 10.000 млади лица е успешно надминат и оваа година се регистрирани 21641 младо лице од кои 11032 се жени.
Програмата се смета за успешна доколку најмалку 30% од вклучените лица во ГМ, успешно излезат од истата во период од 4 месеци, односно ќе бидат вработени, повторно вклучени во образовниот процес или ќе бидат вклучени во активни програми и мерки за вработување. Според нашата евиденција минатава година во период од 4 месеци по влегувањето во младинска гаранција се вработиле 6892 лица од кои 3643 се жени и 1536 лица од кои 898 жени станале учесници во останатите активните мерки на агенцијата. Процентот од 38,9% активни учесници ја прави МЛАДИНСКА Гаранција успешна програма и не мотивира да продолжиме понатаму со нашата соработка со младите лица“, за Трн изјави М-р Бобан Јанески, Виш Соработник за активни мерки за вработување при Центар за Вработување на Град Скопје, АВРСМ.
ВРАБОТУВАЊЕ | КОНТИНУИРАНО ОБРАЗОВАНИЕ | ПРАКТИКАНСТВО | |
• Професионална ориентација и кариерно Советување • Помош при барање работа • Мотивациони обуки • Индивидуално и групно советување • Обуки за поготовка за вработување и за Работа • Посредување при вработување | • Субвенции за вработување млади лица • Стимулации за вработување млади лица со Попречености • Програма за самовработување | Обука за конкретен работодавач Обука за стручни квалификации според барања на работодавачи Обуки за побарувани занимања Обуки за напредни ИТ вештини Обука за Специјалист за човечки ресуси (Регрутер) Обука од областа на приватното обезбедување Обуки за возачи за Ц,ЦЕ и Д – категорија Програми за „втора шанса” | • Шеми за практиканство наменети за млади лица (до 29 години) • ERASMUS + програма Закон за практиканство |
ПРАКТИКАНТСТВО кај работодавачи од приватен или од граѓански сектор. Цел на оваа активна мерка е стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места. ЦЕЛНА ГРУПА во оваа мерка се Невработени лица до 29 години со минимум завршено средно образование. Оваа мерка опфаќа 1300 невработени лица евидентирани во АВРСМ. Лицата што ќе се вклучат во практикантство добиваат месечен надоместок во висина од 11.000 денари месечно (со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход) за период до 3 месеци.
Со мерката ИСПЛАТА НА МЛАДИНСКИ ДОДАТОК во изминатиот период се опфатени 3.727 млади лица до 23 години кои засновале работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството и за тоа добиваат додатна финансиска поддршка 3000 денари месечно по вработено лице.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/viber_image_2025-02-09_13-00-11-009-1024x682.jpg)
Од друга страна Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија вели дека Гаранцијата за млади како таква покажува извесни позитивни резултати, но секако може истата да се унапредува и развива согласно контекстот на младите.
„Од друга страна пак, и покрај постоењето на други програми и мерки, сметаме дека пристапот до тие услуги треба да се модернизира и дигитализира. Напоменавме дека пазарот на трудот е динамична средина, но таа динамика ја следи и младиот човек кој нема секогаш време и можност да го поминува институционалниот лавиринт за права што по закон го следуваат. Треба да се работи и на внеусвање иновации и во самата работа на Агенцијата, особено во регионалните центри кои можат да прераснат во квалитетни точки за нудење соодветни сервиси за младите и нивниот внес и конкурентност на пазарот на трудот“, потенцира Филип.
Во 2024 година со мерката Програмата за самовработување (претприемништво) беа опфатени 1475 лица вработени во ново-основани правни субјекти, а со Програмата за поддршка за самовработување (претприемништво) со здружување на две лица во ДОО беа опфатени 520 лица вработени во ново-основани правни субјекти.
Согласно Законот, во АВРСМ евиденцијата на невработени лица и други лица кои бараат работа со состојба на 31.12.2024 година евидентирани се:
- 96828 невработени лица (активни баратели на работа) и
- 44118 други лица кои бараат работа (пасивни баратели на работа).
Невработени лица – активни баратели на работа | Други лица кои бараат работа – пасивни баратели на работа |
Структура на невработените лица Според пол 52,1% (50414) се жени 47,9% (46414) се мажи | Структура на други лица кои бараат работа Според пол • 52,0% (22939) се жени • 48,0% (21179) се мажи |
Според возраст 17,9% (17305) се на возраст до 29 години41,3% (40030) се на возраст од 30-49 години и40,8% (39493) се на возраст од 50 години и повеќе | Според возраст 14,2% ( 6277) се на возраст до 29 години38,1% (16809) се на возраст од 30-49 години и47,7% (21032) се на возраст од 50 години и повеќе |
Според школска подготовка 61,0% (59018) се без образование и со основно образование8,1% (7819) се со тригодишно средно образование23,6% (22811) се со четиригодишно средно образование 0,6% (605) се со више образование6,8% (6575 се со високо образование (вклучително 564 магистри на наука и 20 доктори на наука) | Според школска подготовка 47,3% (20880) се без образование и со основно образование44,4% (19595) се со тригодишно и четиригодишно средно образование8,3% (3643) се со вишо и високо образование |
Според време на чекање на вработување 26,2% (25367) чекаат на вработување до 11 месеци73,8% (71461) чекаат на вработување 12 месеци и повеќе |
Филип, како претставник на младите констатира една поинаква ситуација. Тој истакнува: „Денес, пазарот на труд стана една прилично динанимчна средина која бара често прилагодување и унапредување на сите играчи. Како млади, верувам дека ја имаме предноста некогаш побрзо да се прилагодиме на промените без разлика дали тоа ќе е доквалификација, преквалификација или наоѓање некоја алтернатива за материјализација на нашите знаења и вештини. Но, она што може да го забележиме како предизвик е немање доволно системи за кариерна поддршка и насочување, слаби можности за стекнување на практични знаења за време на нашето обрзазование, како и недостаток на нови модалитети за стекнување на вештини. Бариерите во процесот на вработување се уште постојат за младите кои сакаат својата кариера да ја градат во јавниот сектор, каде што се уште квалитетот не е првиот критериум за избор. Ваквите бариери веќе се на ниско ниво во приватниот сектор или пак во граѓанскиот сектор. И, секако би ги истакнале и нееднаквите можности за девојките и жените во поглед на нивната кариера односно денес се уште се соочуваме со нееднакво вредување на нивниот труд, несоодветени можности за кариерен развој и унапредување, нивно отсуство во високиот менаџмент и така натаму.“
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/219219-0.basic-iseluvanje.webp)
На прашањето, Што точно им нуди агенцијата како поддршка на младите кои сакаат да започнат свој бизнис или да се самовработат?, Бобан од АВРСМ одговара:
„Програмата за самовработување (претприемништво) и Програмата за поддршка за самовработување (претприемништво) со здружување на две лица во ДОО е поддршка наменета за невработените лица да започнат или да формализираат сопствен бизнис.
Во 2024 година финансиската поддршка за основање сопствен бизнис за едно лице изнесуваше до 369.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис), 92.000 денари поддршка за дополнително вработување на невработени лица во правни субјекти основани од лица со попреченост, односно 153.750 денари поддршка за дополнително вработување на невработени млади лица до 29 години во правни субјекти основани од лица со попреченост.
Во 2024 година финансиската поддршка за основање сопствен бизнис за две лица во Програмата за поддршка за самовработување (претприемништво) со здружување на две лица во ДОО изнесуваше до 738.000 денари (правен субјект од два содружника).“
Филип генерално проблемот го гледа во реалната дискрапанца меѓу реалниот пазар на труд и она што претставува образовен систем во РСМ. Понатаму тој констатира: „Тоа може да го забележиме преку застарените и неатрактивни образовни програми, несоодветниот педагошки стил и методологија на работа во образовните институции, недостатокот на практични знаења и вештини итн. Имајќи го сето тоа предвид, не е ни неочкувано што гледаме млади кои излегуваат од образовниот систем и не можат лесно и соодветно да го најдат своето место на пазарот на трудот. Затоа фокусот би требало да постави на квалитетни образовни програми кои се богати со животни и пракични вештини соодветни за 21 век на живеење.“
Дали младите се вистински приоритет или само ПР конструкција?
Ако институциите навистина сакаат да ги мотивираат младите да останат во земјата и да инвестираат во својата иднина тука, тогаш нивниот приоритет треба да биде создавање општество во кое и идните генерации би сакале да живеат. Тоа не значи само краткорочни мерки и програми, туку суштинска промена во начинот на функционирање – ориентација кон вистински сервис за граѓаните, креирање политики засновани на реалните потреби на младите и континуирана поддршка за нивниот личен и професионален развој.
Но, суштинското прашање останува: дали младите навистина се приоритет или само добра медиумска конструкција? Иако државните институции често истакнуваат дека вложуваат во младите, реалноста покажува дека тоа ретко се чувствува во нивното секојдневие. Перцепцијата меѓу младите е дека тие не се центар на вниманието, туку дел од агендата што се споменува само кога е политички потребно.
За вистинска промена, потребни се дела, а не само зборови. Доколку државата не почне да гледа на младите како на клучен ресурс за иднината, миграциските трендови ќе продолжат, а со нив и неповратната загуба на човечки капитал. Патот до задржување на младите не е во празни ветувања, туку во конкретни, долгорочни решенија што ќе ја направат Македонија место каде што младите сакаат, а не мораат да останат.