Драги мажи, доколку уште од старт се чувствувате навредено од насловот на колумната, ви ветувам дека не е со таа цел. Напротив денешнава колумна е со цел да ви помогне да се изборите во рамноправност со жените кога станува збор за нега и изглед. Да, добро ме слушнавте. Признавам дека кога станува збор за убавина, негување, козметика и задржување на младиот изглед, ние жените сме далеку попривилегирани. Но дали е тоа навистина наша кривица? Дали мислите дека постои жена на која ќе и смета фактот дека вие се негувате, користите креми за брчки и се обидувате да изгледате младо и убаво?
Пред неколку дена имав другарка на гости која не е од Македонија и живее во Австрија. Откако ги прошетавме културните знаменитости и ја пробавме превкусната храна, преминавме на ноќниот живот и излегувањето. Седиме на шанк, гледаме, зборуваме и коментираме. „Цени на пијачки скоро исти со Виена’, вели таа, „Знам“ и враќам. Што е помалку Скопје од Виена?!“ Се смеам, а во себе си ја пеам од Оливер Мандич – „Смеем се, а плакао бих“. „Нема некоја забава“, продолжува таа, „Сите стојат, никој не игра“. „Знам“ и велам повторно и се чувствувам како проблемот да е до мене. Можеби јас ги бирам погрешните места за излегување, но ова е веќе 3то место после 2 кафани. Каде уште да ја носам?! „Мажите изгледаат многу постаро и многу запуштено овде“ вели тогаш таа и јас се сецнувам.
Тогаш почнувам да разгледувам околу себе и забележувам мажи кои треба да се во доцни триесетти/рани четериесетти, а веќе имаат стомаци на себе и изгледаат како да наполниле 50 години. Зумирам со око и сфаќам дека ретко кому кожата на лицето не му е со куп брчки и очајно дехидрирана, подуени очи како да не спиел со месеци, бели влакна и млитаво тело кое се разлева насекаде под маицата и фармерките. Дефинитивно не се сите вакви, но поголемиот дел за жал се. И тогаш си велам „Кога кренавте раце и се запуштивте?“
Со години и години се коментира за изгледот на жената. Ќе слушнеш злобни коментари како жените кои се омажиле и родиле, повеќе не изгледаат атрактивно – „Се запуштила види ја како изгледа“. Но што е со мажите? Овие нит се ожениле, нит родиле, а изгледаат како да го препуштиле животот само на пивото и мрсната храна. Тогаш анализирам друг фактор. Колку реклами вклучуваат понуда за нега и третмани на машката кожа и изглед? Ретко кога сум видела понуда од козметички салон или слично кој вели таа и таа постапка ќе ја освежи и подобри состојбата на машката кожа. Не сум начекала реклама каде маж влегува во салон. Напротив, како само жените да треба да останат вечно млади и негувани, а мажите се совршени какви што се. Но нели кожа е кожа? Не знам дали се свесни нашите мажи овде дека е во ред да користи крема против брки или сеуште сината „Нивеа“ за нив е крема за се’.
Дали сте свесни дека 40 е младо и дека маж на овие години може да изгледа апсолутно негувано, атрактивно и не мора да има стомак? И овде сфаќам дека немате рамноправност со нас, затоа што мал е процентот на другарите кои нема да фрлаат шеги на ваша сметка доколку разберат дека одите на третмани за лице и тело. Кај нас сеуште се верува дека козметиката (повеќе од една крема) е женска работа.
Да не се разбереме погрешно. Овде не зборуваме за скапи третмани кои можете да ги направите во Турција, кои исто така се во ред доколку го имате буџетот. Овде зборуваме за малиот напор кој се прави од машка страна за да изгледаате добро, а верувајте не ви требаат купишта пари за да изгледате негувано и атрактивно. Пак ќе повторам, ниту една жена нема да и смета да одите редовно во теретана, да внимавате на вашата исхрана, да го освежите и нахраните вашето лице и кожа и да ги исфарбате белите влакна. Сите овие процедури нема да ви ја одземат машкоста и да ве претворат во жена, ви ветувам!