Зошто луѓето користат ChatGPT? OpenAI вели – причината е попрозаична од што мислите

Ново истражување на OpenAI покажува дека луѓето најмногу го користат ChatGPT за секојдневни задачи, совети и пишување – а не само за работа или програмирање, како што многумина мислат.

Во прва студија од ваков вид, компанијата OpenAI – креаторот на ChatGPT – откри како луѓето навистина го користат овој вештачко-интелигентен разговорен асистент.

Според анализата на случаен примерок од 1,5 милиони разговори меѓу корисници и ChatGPT, направени помеѓу мај 2024 и јуни 2025, најголемиот дел од корисниците го користат ChatGPT за секојдневни, практични задачи.

OpenAI ја нарече оваа анализа „најобемната студија за реална употреба на вештачка интелигенција досега“.

Работа vs. лична употреба

Студијата покажува дека само 30% од разговорите биле поврзани со работа, додека останатите 70% биле за неработни цели – како лични, образовни или креативни активности.

Во 75% од разговорите, луѓето барале практични совети, информации или помош при пишување.

Повеќе од половина од пораките биле прашања – што според OpenAI покажува дека корисниците најмногу го ценат ChatGPT како советник, а не само како извршител на задачи.

Околу 40% од пораките биле поврзани со конкретни задачи – пишување текстови, планирање, програмирање – додека 11% биле за лична рефлексија, истражување или забава.

Интересно е што помалку од 2% од сите пораки се однесувале на емотивна поддршка или разговори за самотија.

Како ChatGPT се користи на работа

Професионалната употреба најчесто доаѓа од високообразовани корисници со добро платени работни места, кои го користат ChatGPT како истражувач или асистент – не како замена, туку за подобра проценка и продуктивност, особено кај „работи што бараат знаење“.

Пишувањето е доминантната професионална активност. Но, ChatGPT ретко пишува од нула – најчесто се бара од него да уредува, преведува или критикува постоечки текстови.

Програмирањето е сè уште нишова активност, и сочинува само 4% од сите професионални барања.

Половата разлика исчезнува

Студијата покажа и интересна промена во структурата на корисниците: во 2025 година, 52% од корисниците имале имиња што звучат како женски, што е значително зголемување во однос на 2024 година, кога процентот бил само 37%.

Ова укажува на тоа дека вештачката интелигенција станува подеднакво привлечна за сите групи, независно од пол.

Како е извршена анализата?

За оваа анализа, OpenAI користеше автоматизирани алатки што ги категоризираа разговорите без да има човечка интервенција, со цел да се заштити приватноста на корисниците.

Студијата беше спроведена во соработка со економистот Дејвид Деминг од Харвард и истражувачкиот тим за економија на OpenAI.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни