Зошто качувањето по карпи е совршениот тренинг за телото и умот

Качувањето по карпи одамна не е само адреналински предизвик за планинари и авантуристи – денес оваа активност се смета за тренинг за телото и психата.

Според експертите, спортот во исто време го активира речиси секој мускул, го оптоварува кардиоваскуларниот систем, го стимулира мозокот и нуди уникатна комбинација од физички развој, ментална концентрација и емоционално исполнување.

„Качувањето ги активира сите системи на телото и умот,“ вели Пит Ролидер, кинезиолог од Универзитетот во Канзас. „Ги ангажира мускулите од глава до пети, го предизвикува срцево-пулмоналниот систем и бара решавање проблеми со исклучителна прецизност.“

Медитација во движење

За Уљана Надија Хородиска, National Geographic истражувач и долгогодишна качувачка, оваа активност е многу повеќе од спорт.

„Качувањето е медитација во движење – мораш целосно да бидеш присутен,“ вели таа.

Овие искуства делумно објаснуваат зошто спортот израсна од маргинално хоби во глобален феномен вреден милијарди долари. Со стотици нови сали за качување ширум светот, активноста стана пристапна за многу поширока публика.

„Целосен тренинг“ што го активира целото тело

Иако на прв поглед изгледа како вежба за горниот дел од телото, качувањето истовремено го активира срцето, белите дробови, централниот нервен систем и секој сегмент од мускулно-скелетниот апарат.

Според физиотерапевтот Рами Хашиш, секое искачување е „интервален тренинг во прикриена форма“: комбинација од нагли движења и моменти на мирување, што го забрзува пулсот, го подобрува дишењето и ја зголемува VO₂ max вредноста.

Качувањето ги развива трите клучни форми на мускулна работа – концентрична, ексцентрична и изометриска – често во рамки на само една секвенца.

„Тоа е она што го прави спортот уникатен. Ги активираш сите типови мускулни контракции без да размислуваш за тоа,“ објаснува Џојс Гомес-Осман, невролог и физиотерапевт од Универзитетот во Мајами.

Истражувањата ова и го потврдуваат: мета-анализи покажуваат дека редовното качување значително ја зголемува силата, моќта и издржливоста на горниот и долниот дел од телото, како и јадрото.

Дополнително, спортот создава извонредна сила во подлактиците и неверојатен стисок на рацете – показател за општата физичка подготвеност и долговечност. Според научните податоци, слабата сила на стисок корелира со поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања и поголема вкупна смртност.

Функционална сила, стабилност и подвижност

Качувањето не гради само мускули – туку ги учи да работат заедно. Секое повлекување, истегнување, вртење и префрлање на тежината бара координација и микро-движења за одржување рамнотежа.

„Тоа е тренинг за рамнотежа во прикриена форма,“ вели Хашиш.

Качувачите редовно минуваат низ длабоки флексии во колковите и рамената, екстензии на глуждовите и ротации на кичмата – често под оптоварување. Такви опсези на движење ретко се среќаваат во други спортови, што ја зголемува мобилноста и ја зајакнува стабилноста на зглобовите.

Ова е суштината на функционалната кондиција, клучна за спречување повреди и полесно извршување на секојдневните движења.

Ментални придобивки: стратегија, концентрација и подобро расположение

Качувањето е воедно и сложена ментална игра. Секој чекор бара анализа, стратегија, меморија и креативност.

„Мораш да читаш карпа, да предвидиш неколку потези однапред и да останеш смирен под притисок,“ вели Хородиска.

Истражувањата покажуваат дека искусните качувачи имаат побрза когнитивна обработка и посилна просторна перцепција, благодарение на решавањето комплексни рути што ги зајакнуваат невралните врски помеѓу движењето, меморијата и донесувањето одлуки.

Качувањето исто така помага во намалување анксиозност и депресивни симптоми преку комбинацијата од фокусирано движење, моментална повратна информација и постојано надминување предизвици.

„Пациентите опишуваат дека ги потиснуваат натрапливите мисли додека се качуваат,“ објаснува Аника Фрихауф од Универзитетот во Инсбрук.

Активноста гради и силни социјални врски – особено преку односот меѓу качувачот и лице што обезбедува (belayer), кој е врзан со длабока доверба и одговорност.

На отворено, овие придобивки се уште поизразени поради позитивните ефекти на престој во природа: подобро расположение, намален стрес и зголемено чувство на виталност.

Не е изненадување што една студија во 2025 година покажала дека 73 проценти од испитани качувачи пријавиле подобрување на менталното здравје по започнување со спортот.

Како да се качуваш безбедно – и да останеш силен на долг рок

Како и секоја интензивна активност, качувањето носи ризици, но најголемиот дел од повредите се превентабилни. Најчести се оние на прстите, лактите и рамената, бидејќи тетивите се адаптираат побавно од мускулите.

Стручњаците препорачуваат постепено зголемување на оптоварувањето, задолжителни денови за одмор и темелна подготовка пред качување – од мобилност и загревање, до редовно истегнување.

Контролирани вежби како склекови, потисоци и ротации со ластици можат да ја зајакнат рамениците и лактите. За да се спречат повреди на прстите, важно е да се гради силата постепено, да не се користат агресивни „кримп“ зафати кога се истоштени и да се лепат прстите при интензивни сесии.

Безбедноста вклучува и употреба на квалитетна опрема, проверка на јазли, носење кацига и избор на сигурни, добро прилагодени обувки.

Особена претпазливост е неопходна за луѓе кои од вештачки sали преминуваат на природно качување: природната средина носи многу повеќе непредвидливи фактори.

„Започнете со искусен водич и пристапете со поголема доза понизност,“ советува Хородиска.

Прималната сила на движењето нагоре

На крајот, експертите се согласуваат дека вистинската издржливост во качувањето доаѓа не само од физичката сила, туку и од стратегијата, умешноста и свесноста.

„Качувањето исполнува длабок, примарен нагон – да се движиш, да решаваш, да се искачуваш,“ вели Хашиш.

Извор: National Geographic

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни