Зошто интернетот е толку зависен од Амазон?

Големиот прекин на услугите на Amazon Web Services (AWS) предизвика хаос на интернетот во понеделникот, откако дел од најголемите светски веб-страници и апликации беа недостапни со часови.

Последиците беа различни – од сериозни проблеми со пристап до онлајн-банкарство, владини и деловни сервиси, до помалку опасни ситуации како стравот на корисници дека ќе изгубат резултати во Duolingo.

Но, инцидентот повторно ја отвори дебатата за тоа дали државите, особено во Европа, се премногу зависни од неколку американски технолошки гиганти, пренесува BBC.

Амазон денес претставува ’кичмата’ на интернетот – неговиот облачен сервис AWS е основата врз која функционираат безброј веб-страници, апликации и бази на податоци.

Според британскиот регулатор Competition and Markets Authority (CMA), Amazon и Microsoft Azure заедно контролираат меѓу 30 и 40% од европскиот пазар на cloud-компјутинг. Но вистинското влијание е далеку поголемо, бидејќи и оние компании кои не користат директно нивни сервери, сепак зависат од нивните технологии.

Професорот Џејмс Дејвeнпорт од Универзитетот во Бат објаснува:

„Инфраструктурата на облакот е сложен систем со бројни компоненти, од кои многу се невидливи, но сите се меѓусебно поврзани.“

Аналитичарот Брент Елис од Forrester додава дека прекинот покажал колку е опасна „вградената меѓузависност“ меѓу дигиталните платформи и техничките услуги што го поддржуваат интернетот:

„Многумина мислат дека технолошките гиганти се преголеми за да пропаднат – но тоа е илузија. Секој прекин покажува колку малку е потребно за глобален застој.“

И покрај ризиците, повеќето компании не можат да си дозволат да се откажат од услугите на Amazon, Microsoft или Google. Причината е економска – нивните решенија се поевтини, посигурни и подобро заштитени.

Професорот Вили Лехдонвирта од Универзитетот Аалто во Финска објаснува дека индустријата функционира според „економија на обем“:

„Изградбата на независна европска инфраструктура би била неверојатно скапа.“

Според Стивен Кели од компанијата Circata, огромната количина на податоци складирани кај еден провајдер, како што е AWS, ги прави трошоците за премин кон друг сервис речиси невозможни.

Експертот за кибер-безбедност Томас Хајслип од Универзитетот во Јужна Флорида истакнува дека американската доминација има и предности:

„Подобро е ваквата контрола да биде во САД отколку во земја каде владата би имала поголемо влијание врз податоците.“

Сепак, тој предупредува дека во случај на воен конфликт или геополитичка криза, американската влада би можела да се вмеша во работењето на технолошките компании, што би имало далекусежни последици за целиот свет.

Советничката Ники Стјуарт од Open Cloud Coalition истакна дека последниот прекин на AWS ги покажал ризиците од премногу концентрирана моќ во рацете на два провајдера.

Во јули, британскиот регулатор CMA предложи Amazon и Microsoft да добијат статус на „стратешки пазарни актери“, што би овозможило државна контрола и правила за поттикнување конкуренција.

Стјуарт додава:

„Мора да изградиме поотворен, поконкурентен и интероперабилен пазар, каде што ниту еден провајдер нема да може да го парализира дигиталниот свет.“

Експертите се согласни дека Британија и Европа мора да развијат сопствени решенија, дури и ако тоа значи поголеми трошоци.

„Тешкотиите во диверзификацијата не смеат да бидат изговор,“ изјави Кели.
„Владата треба да постави стандарди за отпорност на податоците и да бара користење на најмалку два независни cloud-провајдери за критични индустрии.“

Британскиот државен секретар лорд Леонг потврди дека владата веќе соработува со Амазон и други компании за да се спречат идни прекини и да се зајакне домашниот и европскиот cloud-екосистем.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни