Адвокатот Хенри Клак од лондонската правна фирма HFW има честа задача да ги застапува светските бродски компании кои станале жртви на сајбер криминал. „Најчесто сме се сретнувале со организирани криминални групи од Нигерија, кои користат таканаречени ‘man-in-the-middle’ измами“, вели Клак. Во ваквите измами, хакерите ја пресретнуваат комуникацијата меѓу две страни и потоа се претставуваат како нив за да украдат податоци или преземат контрола над компјутерски системи.
Според податоците на HFW, трошоците за справување со сајбер напад на брод или пристаниште се зголемиле двојно, односно достигнале просек од 550.000 долари, додека просечната откупнина при нападите што не можат брзо да се отстранат достигнува 3,2 милиони долари.
Околу 80% од светската трговија се одвива по море, што ја прави индустријата примарна мета за хакери и непријателски држави. Студија на Универзитетот NHL Stenden од Холандија покажува дека бројот на сајбер напади на бродови пораснал од 10 во 2021 година на најмалку 64 минатата година, а многу од нападите се поврзани со државите Русија, Кина, Северна Кореја и Иран.
Покрај финансиските измами, зголемената дигитализација на индустријата создава и нови ризици, како GPS џамирање и „spoofing“, каде бродовите се наведуваат на погрешни курсеви. Во мај минатата година, бродот MSC Antonia наводно заглави во Црвено Море поради сомнителен GPS напад.
Сепак, индустријата прави напори за зајакнување на сајбер безбедноста. Во 2021 година, Меѓународната морска организација (IMO) воведе нови правила за управување со сајбер ризици во безбедносните системи на трговските бродови.
„Сметам дека индустријата сега е подобро подготвена да се справи со заканите, особено во споредба со пред шест или седум години“, вели Џон Ставперт од Меѓународната комора за бродство.
Комуникацијата со хакерите, кога е потребно, најчесто се одвива преку кратки електронски пораки, објаснува Клак. „Обично е во контекст на преговори за откупнина и секогаш се задржува кратко и прецизно.“
Извор: BBC