Зошто Генерација Z одбива „почетнички работи“ – и што тоа значи за иднината на пазарот на труд

Она што за претходните генерации беше „нормален почеток на кариера“, за младите родени помеѓу 1995 и 2010 година станува синоним за ниска плата, стрес и недостаток на достоинство.

Генерацијата Z сè поотворено ги избегнува работните места кои се сметаа за задолжителна прва скала – малопродажба, угостителство, кол-центри, складишта, канцелариски работи од 9 до 17, продажба на провизија и неплатени пракси.

Причината е едноставна: тие работи денес едвај покриваат основни трошоци за живот. „Генерацијата Z ја редефинира идејата за добар работен ангажман. Она што миленијалците и генерацијата X го толерираа, младите денес го именуваат со вистински зборови – слабо платено и ментално исцрпувачко,“ вели бизнис-консултантката Абигејл Рајт.

И навистина, финансиската реалност е сосема поинаква од пред две децении. Денес долговите се огромни, кириите недостижни и младите немаат луксуз да работат за плата која едвај ги покрива сметките,“ објаснува Кевин Томпсон од 9i Capital Group.

Затоа „зумерите“ преферираат фриленс, хонорарни ангажмани, работа од дома и флексибилни модели, наместо да се жртвуваат за стабилна, но незадоволителна плата. Тие учат да поставуваат јасни граници – нешто што нивните родители често не го правеле.

„Зошто би останале на место без флексибилност и фер плата, кога можат сами да ги постават условите?“ прашува Рајт.

Истата порака ја пренесува и аналитичарот Дру Пауерс: „Оваа генерација гледа дека ‘почетничките работи’ не секогаш водат кон подобро, а дека корпорациите на крај лесно ги отфрлаат своите луѓе. Тие повеќе ја ценат слободата и искуствата отколку голата плата – и тоа не е мрзеливост, туку свесност за сопствената вредност.“

Експертите се согласуваат дека иднината на пазарот на труд ќе ја одредат токму овие вредности. Компаниите што ќе понудат почит, реална плата и флексибилност ќе ги привлечат најдобрите таленти. Останатите ќе се соочат со постојана флуктуација и празни работни места.

„Вредностите на генерацијата Z се веќе вредности на секој современ работник,“ заклучува Рајт.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни