Ќе бидам искрена и ќе кажам дека бев среќна да израснам во семејство кое гордо ме поддржуваше во мојата цел да завршам факултет, потоа да магистрирам и на крај да се фокусирам и да изградам кариера. Дури и мојата баба која доаѓа од постара генерација и малку поинакви времиња од денешниве, никогаш не ми рече „Заврши факултет и да те мажиме“. Никогаш!
За мене лично, како жена, финансиската независност и кариера се нешто најважно. Но, за жал денес на 33 години, многу почесто налетувам на осуда затоа што сум одлучила да се фокусирам на кариерата. Морав да се запрашам. Од кога стана погрешно и лошо за жената да сака да изгради успешна кариера за себе? Од кога, тоа што сум одлучила да не стапам млада во брак и да се посветам на она што ми е пасија и љубов е лоша работа?
Од друга страна, се почесто сум сведок на една интересна појава каде се осудуваат и гледаат „накриво“ жените чиј главен фокус не е кариерата, туку семејство. Од кога терминот „домаќинка“ стана навреда?!
Која е потребата да се напаѓаме едни со други и зошто воопшто ни е гајле за тоа што ја прави среќна една жена? Дали е тоа наша работа? Дали нејзините избори да гради кариера или да се посвети на семејството некако те погодуваат и засегаат тебе?
Да бидам искрена, воопшто не осудувам и немам никакво лошо мислење за жените/девојките кои себеси се гледаат како домаќинки кои сакаат да се посветат на домот, сопругот и семејството. Но, ќе ви кажам со што имам проблем.
Имам проблем со оние кои глумат дека сакаат кариера, а го сакаат спротивното. Имам проблем со оние што го злоупотребуваат терминот домаќинка и го прават да личи на нешто во стилот „Не работам ништо, ги трошам само парите на мажи ми“. Е, со тоа имам проблем.
Исто имам проблем со „Гради кариера, не ја интересира брак деца, како блудница е“ или „Срам да и е“! Ма немој? Од што да и е срам? Ако не сака да се омажи и да раѓа, треба да ја каменуваме?!
Домаќинка не е ниту навреда, ниту термин за жена чија вредност сакате да ја намалите и да ја омаловажите. Домаќинка можеби била вашата мајка, баба, прабаба. И нема ништо лошо во тоа ти сега да си домаќинка. Домаќинка не е навреда!
Но, да не заборавиме дека воопшто не е погрешно за една жена да сака да се посвети на својата кариера и да не ги следи примерите на другите жени. Не сите се гледаме исто и не сите сакаме исти работи. Не може да продолжиме да живееме во минатото каде секоја жена МОРАЛА да биде домаќинка.

„Но штом ќе се омажиш и ќе имаш семејство, ќе мораш да ја жртвуваш кариерата!“
Зошто? Зошто да морам да ја жртвувам мојата кариера? Кој тоа тврди дека една жена не може да ги прави и двете работи? Веројатно некој маж кој мисли дека не мора со ништо да помага дома и дека чистење, готвење и чување деца е работа само на жената. Искрено со таков маж нема да бидеш ниту среќна кариеристка, уште помалку домаќинка, ама тоа е друга тематика.
„Не може жена да има среќно семејство и успешна кариера“!
Кој тоа рече дека не може? Погледни само колку такви примери има околу тебе. Познавам толку прекрасни жени кои се и двете работи. И знам што ќе им падне на ум на некои – Разводот не е секогаш затоа што таа жената била посветена на работата. Не може толку просто да се генерализираат работите.
Сакам да престанам да слушам како е погрешно мажењето и раѓањето деца да не се главната цел и мисија на една жена. Затоа што не мора да се! Не мора. Тој сон не е сон на секоја девојка/жена. И нема ништо лошо во тоа. Полошо е ако се форсира на тоа, па потоа се прашувате како тие бракови и семејства не успеваат. Во животот се што се прави на сила, се што се форсира и не е нешто што го сакаш во тој момент, порано или подоцна се распаѓа и не функционира. Со сила, убавина не бидува!
Оставете ги жените околу вас сами да одлучат што сакаат и што ги прави среќни. Исто како што ракоплескате и се радувате на деца и семејство, радувајте се и на нејзините професионални успеси. Почитувајте ја и жената со кариера и жената домаќинка. И двете работат напорно и се вложуваат себеси максимално. Нема една на која и е полесно или поубаво. Сѐ си има своја убавина и своја тежина. Ниту една не е повеќе или помалку успешна.
Најважно, поддржете ја жената која сака да ги направи и двете работи, затоа што домаќинка не е епитет за жена која секој ден има ручек на маса. Познавам толку многу жени кои се и едното и другото и ниту мажот, ниту децата не патат поради тоа. Но, доколку си маж кој има проблем со едното или другото, биди искрен и кажи го твојот став.
За мене нема ништо полошо од маж кој по стапувањето во брак одеднаш се сетил дека му смета жена му да има кариера. Па така, тој забранува неговата жена да работи, затоа што нема да има време да биде „совршената“ домаќинка. Исто така, нема ништо потажно од маж кој се плаши дека успехот на една жена, ќе го направи него помалку маж.
Точно, животот не е бело и црно и многу е нормално работите понекогаш да не одат по план. Но секогаш имаш избор! Не дозволувај да те убедат поинаку! Како жена можеш да избереш што сакаш и што те прави среќна и никој нема право да ти суди!
За крај. Да не бидеме жена на жена, волк. Ако ја наречеш домаќинка, тоа нема тебе да те направи нешто повеќе од неа. Ако е среќна со својот избор, ништо понатаму не е твоја работа. Истата почит што ја бараш за себе, мораш да ја дадеш и на тие околу тебе.
И обратно. Ако твојата познаничка, другарка, пријателка… ако таа одлучила да се посвети на кариера и нејзиниот план не е маж и семејство, престани со осуда и притисоци. Прашањата „Ама време ти е да се мажиш“, „Кариерата нема да те стопли на стари години“ и слично, остави ги во минатото, затоа што таму припаѓаат. Тоа што има кариера, а нема семејство или не е во брак/врска не значи дека е помалку среќна од тебе. Затоа не и фрлај во лице секоја можна прилика дека ти си толку среќна што си во брак и дека само ти си домаќинка.