Општинската организација на Црвен Крст-Битола прв пат со свој проект учествува во програмата на „Зимска приказна“ организирана од Општина Битола и за најмладмладите битолчани во старата чаршија беше одиграна претставата „Зошто Дедо Мраз носи црвено?“.
Претседателката на ОО на Црвен Крст Лилјана Ристевска истакна дека 2024 е многу успешна година за нивната организација.
-Нашите волонтери ја подготвија и одиграа театарската претстава „Зошто Дедо Мраз носи црвено?“, а идејата произлезе од секојдневните активности кои ја промовираат хуманоста, заедништвото и желбата секогаш да се помогне. Во претставата на сцената настапија десет волонтери, но во целиот проект беа ангажирани околу 50 волонтери. Веруваме дека и в година повторно ќе учествуваме во програмата „Зимска приказна“ изјави за МИА, Лилјана Ристевска, претседателка на ОО на Црвен Крст-Битола.
Општинската организација на Црвен Крст годинава за прв пат организираше мини-олимпијада која во Битола ќе се одржува на секои две години.
-Оваа 2024 година ја оценуваме како успешна година, ги реализиравме сите проекти, а имавме и една новина, односно организиравме мини-олимпијада на Црвен Крст која планираме да прерасне во олимпијада со меѓународно учество. Според нас оваа активност е симбол и обележје за 2024 година затоа што беа вклучени 400 учесници, а сите средства што ги собравме ги дониравме на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, посочи Ристевска.
Од ОО на Црвен Крст-Битола потсетија дека деновиве успешно заврши обуката и беа доделени 10 серификати на асистенти за лица со попреченост.