Иако САД и Иран постигнаа двонеделен прекин на огнот, а цените на нафтата веднаш реагираа со пад, Европа сè уште не може да очекува брзо олеснување кога станува збор за енергенсите, бидејќи последиците од конфликтот се далекусежни и длабоко вградени во глобалниот пазар.
Според Меѓународната агенција за енергија, војната со Иран и фактичкото затворање на Ормускиот теснец предизвикале најголем прекин во снабдувањето со нафта во историјата, а нападите врз енергетските капацитети во Персискиот Залив ќе имаат долгорочни последици, особено врз снабдувањето со гас.
Иако Европа директно не зависи значително од транспортот низ Ормускиот теснец, неговото значење за глобалната трговија со нафта и течен природен гас е клучно, па секое нарушување таму веднаш се одразува врз цените на светските пазари, а со тоа и врз европските потрошувачи.
Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен веќе предупреди дека дури и во случај на брз мировен договор, враќање во нормални услови нема да има во блиска иднина, што значи дека притисокот врз цените ќе продолжи.
Податоците на Евростат покажуваат дека Европската Унија увезува најголем дел од својата нафта, при што САД се најголем снабдувач, а зад нив се Норвешка и Казахстан, што дополнително ја прави Европа чувствителна на глобални ценовни шокови. Глобалниот репер за цената на нафтата, Брент, скокна од околу 70 долари по барел пред конфликтот на речиси 120 долари на неговиот врв, а и по прекинот на огнот останува значително повисок од претходно, додека цените на гасот следат сличен тренд.
Ова директно се прелева врз сметките на граѓаните, бидејќи во многу европски земји цената на електричната енергија се формира врз основа на најскапиот извор, кој често е токму гасот, па неговото поскапување автоматски значи и поскапа струја.
Енергетскиот аналитичар Итан Тилкок објаснува дека растот на цените на гасот влијае и директно и индиректно преку зголемените трошоци за производство на електрична енергија, додека дополнителен фактор е и курсот на еврото, бидејќи трговијата со нафта се одвива во долари. Паралелно со тоа, трошоците за транспорт и осигурување значително се зголемија, при што индексот Балтички индекс за танкери достигна рекордни нивоа, а осигурителните премии за бродови во регионот нагло пораснаа поради зголемениот ризик
Според Андреј Коватарју од Атлантски совет, пазарот не е воден само од страв, туку и од реални нарушувања во снабдувањето, бидејќи дел од производството е намалено, а голем број енергетски објекти се оштетени.
Дополнителен притисок доаѓа и од пазарот на течен природен гас, каде што клучниот објект во Катар, Рас Лафан, претрпе штети, а компанијата КатарЕнерџи беше принудена да намали дел од производството, што значи дека глобалната понуда ќе остане ограничена подолг период. Иако по прекинот на огнот цените делумно се стабилизираа, тие и натаму се значително повисоки од пред почетокот на конфликтот, а експертите предупредуваат дека нивното намалување ќе биде постепено и ќе зависи од тоа колку брзо ќе се обноват резервите и инфраструктурата.
Во вакви услови, дури и евентуален мировен договор нема веднаш да донесе олеснување за европските потрошувачи, бидејќи пазарите ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата и ризиците, што значи дека високите цени на енергенсите би можеле да останат реалност уште подолго време.