Со хаотичните, шарени и гласни проекции, особено прославените сцени со „chicken jockey“, филмот стана културен феномен и симбол на радикално променетата публика по пандемијата.
На прв поглед, тешко е да се најде заедничка точка меѓу овој разигран блокбастер и сериозната историска драма Oppenheimer. Но двата филма имаат нешто суштинско заедничко: и двата се приближија до заработка од речиси една милијарда долари и покажаа дека односот на публиката кон киното драматично се сменил по ковид-пандемијата. Наместо тивко гледање, филмовите сè почесто стануваат настани.
Успехот на „A Minecraft Movie“ не дојде од ништо. Во последниве години, филмските адаптации на видеоигри доминираат во кината: „The Super Mario Bros Movie“, „Sonic the Hedgehog“, „Five Nights at Freddy’s“, како и телевизиските хитови „The Last of Us“ и „Fallout“. Со слабеењето на доминацијата на суперхеројските филмови, Холивуд сè повеќе се врти кон видеоигрите како нова ризница на идеи и публика.
Сепак, „Minecraft“ не изгледаше како најлогичен избор за филм. Играта нема класична приказна, туку свет од пикселирани блокови каде играчите градат и рушат. Критиката не беше воодушевена, филмот доби скромни оценки и беше опишан како визуелно напорен и комерцијално агресивен. Но публиката реагираше сосема поинаку.
Кино како заеднички перформанс
Наместо пасивно гледање, проекциите на „A Minecraft Movie“ се претворија во интерактивен спектакл. Гледачите извикуваа реплики, фрлаа пуканки, а во култната сцена со „chicken jockey“, кога лик од играта јава кокошка, салите експлодираа од врева. Во некои американски кина дури била повикана и полиција поради хаосот.
Ова однесување потсети на култните полноќни проекции на The Rocky Horror Picture Show, но со една клучна разлика: таму култот се градел со години, додека „A Minecraft Movie“ го постигна тоа за само еден викенд – благодарение на социјалните мрежи. Тинејџерите и семејствата се снимаа во кино салите и ги објавуваа видеата на TikTok, претворајќи го филмот во вирален настан и бесплатна реклама од огромни размери.
Режисерот Џаред Хес отворено го поддржа овој ентузијазам, велејќи дека најважно е што луѓето создаваат спомени со пријателите и семејствата. Под притисок на популарноста, студиото дури официјално одобри специјални проекции со учество на публиката.
Новата ера на киното
Феноменот потсетува и на „Barbenheimer“ од 2023 година, кога публиката масовно ги гледаше „Барби“ и „Oppenheimer“ еден по друг, облечена во розово или црно. Киното повторно стана настан, излегување, доживување – а не само проекција на филм.
По пандемијата и експанзијата на стриминг-платформите, кината се соочија со сериозна криза. Но ваквите „настански“ филмови покажуваат дека заедничкото гледање во сала нуди нешто што домашниот екран не може: чувство на колективна енергија, смеа, возбуда и интеракција.
Затоа „A Minecraft Movie“ се смета за најважниот филм на 2025 година, не поради уметничка тежина, туку затоа што јасно покажа каде оди киното. Со сета своја врева, коцки и кокошки, филмот испрати порака дека иднината на кината лежи во заедничкото искуство. И токму тоа може да биде клучот за нивниот опстанок.
Извор: BBC