Зоран Веселинов е CYBERBOY

Многумина ќе забележат дека македонската електронска сцена е активна и преполна со актери и настани. Вистина е, поекстензивна и поинтензивна не била никогаш, но дали за вистинска сцена е доволно да се напише ДЈ пред името и да се организира забава во најблискиот локал? Секако не. За развој и континуитет на вистинска сцена, потребен а малку поамбициозен пристап кон самата суштина. Потребна е посериозна количина автентична музика, посветени организации кои меѓусебно соработуваат, повеќе изданија на локални дискографски куќи и се разбира, што е можно повеќе настапи во живо.

Луѓето како Веселинов ги пополнуваат токму овој тип празнини на македонската електронска сцена. Како ретко кој друг, овој сајбер – Кавадарчанец, полага сериозно внимание на својата музика, но и купиштата опрема за компонирање и свирење во живо на таа музика. Повеќе од десет години, Веселинов притиска копчиња, клавиши, вртка осцилатори во круг. Не му е тешко да ја понесе сета електроника од дома во клуб и да настапи во живо. Малкумина “артисти“ од нашево окружување би можеле да се пофалат со таков пристап.

Деновиве се појави и неговиот прв концептуален албум “Cyberboy“, каде Веселинов е комплетен автор на музиката и целокупниот дизајн. Овој албум е резултат на неговата детска фасцинација со електронската музика и воопшто концептот на футуризмот. Песните се отсвирени на разни места во живо во последниве две години и отсликуваат една приватна состојба на електронска маѓепсаност, преточена во уникатно, приватно патешествие, понудено на секој добронамерен слушател. Погоден за слушање, одличен и за танцување, САЈБЕР МОМЧЕ на Веселинов е згодно парче музика, вградено во мозаикот на современата македонска електроника.

Во сабота, на 2ри декември, во Кавадаречкиот Брик Бар ќе се одржи промотивниот концерт по повод излегувањето на албумот, а Веселинов ќе настапи во живо, поддржан од стариот добар Мирко Попов, чија дискографска куќа ПМГ Рекордингс се јавува како издавач на материјалот. Скопската промоција е закажана за 13ти јануари 2024, во клубот Минус 1.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни