Во интервјуто Кардула зборува за инспирацијата зад изложбата, за соработките со светски брендови како Swarovski и Swatch, за важноста на женскиот лик во неговата работа, но и за проектот што му е најдраг – Гуш и бац, книга посветена на зборовите на неговата ќерка Ерато Кардула.
„Сакам да создадам убавина. Премногу ни е сиво и мрачно – барем во уметноста нека доминира светлото, нека предизвика чувство на среќа,“ вели Кардула, кој без двоумење одговара на последното прашање:
„Ако целото мое творештво треба да го сведам на една боја – тоа ќе биде ЦРВЕНА. Бојата на револуцијата, на активизмот, на антифашизмот, на слободата.

Трн: Откриј ни ја приказната зад „Flora Imaginarium“ – што се случуваше во овие две години додека ја создаваше оваа изложба?
Кардула: Flora Imaginarium се создаде во периодот кога работев на специјална едиција ( ребрендинг) на познатиот македонски бренд Родео кој успешно постои веќе 40 години и посебно задоволство ми преставуваше поканата да го работиме заедно овој проект. Заедно создадовме лимитирана едиција на пакувања Родео која е повеќе од дизајн – тоа е приказна која продолжува.
Преку македонскиот вез, листовите тутун, булките и цветовите на тутунот – ја раскажуваме нашата историја, ја чуваме традицијата и ја носиме напред. Создадовме приказна со еден современ дух кој носи вредности, наследство и традиција. И сето тоа креативно ме потикна да ги создадам овие дела.

Трн: Флората е централен мотив, но нејзиниот третман е сè освен традиционален. Што симболизира флората за тебе во оваа серија?
Кардула: Флора е божица на цвеќињата. Флора често се поврзувала со доаѓањето на пролетта и плодноста на земјата. Таа исто така симболизирала љубов, убавина и изобилство. Флората може да биде одраз на идентитетот на едно место или култура, бидејќи секое место има своја посебна флора и тоа го искористив во креирањето на дизајнот на специјалната едиција .
Облиците понекогаш се апстрахирани или испреплетени со други слики и често се користат како симболи во уметноста и дизајнот. Така и кај мене настојував во мој стил да ја покажам грациозноста на жената ( секогаш има и по некој маж) испреплетена со колоритот на цветовите кои со својата раскош и боја доминираат во сликите.

Трн: Од првата изложба во 2015 до денес мина цела деценија. Што мислиш дека е она што те издвојува на уметничката сцена – дома и надвор?
Кардула: Сум имал доста изложби и пред 2015 година, но мислам дека препознатливоста на мојот стил е поврзан со изложбата “Elegant, Beauty, Mystery” и еве после 10 години јас се уште ја продолжувам таа приказна со истиот жар. Можам слободно да кажам дека таа изложба го дефинираше мојот стил по кој лугето ме препознаваат.

Трн: Твоите стилизирани жени се препознатлив белег. Дали жената како форма, симбол или енергија ти е постојана инспирација?
Зоран: Како што спомнав погоре таа стилизација, грациозност на жената која доминира во моите дела е препознатлив белег по кој се издвојува мојата уметност од другите. Жената за мене е како што наведовте симбол на убавина, елеганција, мистерија, сила, борбеност и сето ова се обидувам преку моите дела да го преставам во моите илустрациите и сакам таа комбинација да зрачи со убавина. Настојувам да создадам убавина, премногу ни е се сиво и мрачно па затоа барем во уметноста и во моите дела сакам убавината да доминира, да предизвика чуство на среќа.
Трн: Југословенската естетика често е присутна во твоите дела. Што е она што најмногу ти недостасува од тоа време – вредности, визуелен код, атмосфера…?
Зоран: Го сакам дизајнот и естетиката што ја имавме во Југославија и сакав да им го покажам на новите генерации. Затоа ги создадов тие редизајни кои сигурно се преку 400 од познати брендови, реклами од тој период во форма на постери. На новите генерации тоа им е непознато и гледам дека многу добро тоа го прифатија и се запознаа со дизајнот од тоа време. Обично кога се спомнува Југославија барем за ние кои живеевме во тоа време се поврзува со носталгија, но таа носталгија е и носталгија за младоста, носталгија за едни вредности кои за жал се изгубени и тоа не само кај нас туку и во светот. Имавме сигурност, нашето растење не беше обременето со политика и поделби по различни основи која за жал сега е присутна во секој сегмент од животот. Периодот ( 70-тите и 80 тите години од минатиот век )кој според некои светски аналитичари се сметаа за период кога луѓето во светот биле најсреќни. Тоа е време во кое јас сум растел во Југославија и апсолутно се согласувам со таа констатација.

Трн: Го редизајнираше југословенскиот филмски плакат, работеше со Swatch и Swarovski. Кој проект ти е најдраг, а кој најпредизвикувачки?
Кардула: Сум работел на многу различни проекти како кај нас така и за познати светски брендови и навистина ми е мило дека сум работел од логоа, филмски плакати, накит, часовници, ребрединг на познати брендови. Тоа е и убавината на тие проекти зошто сите се различни и ја потикнуваат кретивноста и откриваат друг свет за кој не си ни претпоставувал дека можеш да бидеш дел од тоа. Така на пример кога ме повикаа за да работам дизајн на накит ( за Сваровски) искрено не знаев дека покрај мене ќе бидат повикани и врвни дизајнери од познати модни куќи за накит и можеби подобро што не знаев затоа што сигурно тоа би бил додатен притисок. Како и да е на крај од мене беа откупени најголем број на дизајни што ми беше посебна сатисфакција за добро завршената работа иако првпат тоа го работев. Исто така моите конструктивички постери кои си ги работа за моја душа беа инспирација за една игра на еден од најпознатите светски брендови кои ме поканија како гостин да нацртам една карта од таа игра што е голема чест.
Сите проекти си имаат своја приказна и убавина и сите тие сум ги работел со голем мерак, но како проект за кој сум стварно и емоционално врзан е проектот Гуш и Бац – книга илустрирана од зборовите на мојата аутистична ќерка Ерато, а илустрирани од 33 уметници и дизајнери. Тој проект беше наменет за подигање на свеста за аутизам и стварно ми е многу драг.

Трн: Која би ја издвоил како своја најзначајна изложба или дело досега – и зошто токму таа/тоа?
Кардула: Исто како и проектите така и изложбите сите си ги сакам сите имаат посебна убавина, тешко ми е да издвојам, но секако можеби најзначајна за мое преставување како уметник била изложбата „Жените и по некој маж“ од 2017 година. Одлична изложба, многу посетители и многу позитивна енергија.
Трн: Кому му го должиш својот најголем успех – себеси, публиката, нечија поддршка?
Кардула: За да се успее секогаш покрај многу работа и труд поддршката е многу значајна, тука е поддршката од моето семејството како и од публиката која секогаш ја следи мојата работа и ми е поттик да го продолжам ова што го работам.

Трн: Дали темата што ја обработуваш однапред го дефинира и спектарот на бои што ќе ги користиш – или обратно, боите сами го диктираат наративот?
Кардула: Не го дефинирам колоритот однапред, но секако во главата имам некоја палета која би сакал да ја пробам. Не секогаш палетата која ја имам замислено се вклопува во целиот концепт па во текот на работа тоа се менува. Кога на првата слика од некоја серија ќе бидам задоволен од колоритот, композицијата тогаш за наредните многу полесно е зошто веќе колоритот горе доле е решен и само нијанси се во прашање. Сакам да експериментирам со колоритот, како што може да се виде и на изложбата има дела кои се полни со бои како и скоро монохроматски дела каде суптилно е присутна бојата во зависност како во самиот момент сум се осеќал.

Трн: Помина многу изложби, многу инспирации. Што денес те движи да продолжиш да создаваш?
Кардула: Јас сликам и дизајнирам зошто стварно уживам во тоа, некои коментираат дека хиперпродуктивен сум и дека тоа може не е добро, но јас секој ден работам зошто стварно уживам во тоа. Секогаш сум творел за моја душа, од ќејф, а не за да некому тоа му се допадне или да биде комерциално. Јас си уживам во тоа што го работам и кога човек ужива во работата тоа се осеќа во делата. Денот често ми е прекраток за да направам се што ми се врти во главата.
Трн: Денес постојат многу онлајн курсеви за графички дизајн и секој втор млад креатор сака да биде дизајнер. Што е она што е вистински потребно за да се успее во оваа професија?
Кардула: Популарна професија е денес да си дизајнер и многу млади се запишуваат на курсеви, академии и факултети и ја гледаат својата иднина како дизајнери. Јас предавам и на факултет и на академија – „илустратор и векторско цртање“ и секогаш настојувам илустраторот како програм кој го предавам да ги научам да го засакаат, да уживаат во цртањето, а да не го научат технички само како алатка. Тоа секогаш им го потенцирам на студентие и редовно ги потсетувам дека до успех се доаѓа со многу работа, многу истражување и секако да се отворени во размислувањата, без предрасуди.
Во моето многугодишно искуство секогаш се има покажано дека добро воспитани млади дизајнери секогаш успеваат во својата мисија да станат добри дизајнери. Програм секој може да научи, но добро воспитан млад дизајнер секогаш е спремен да учи од другите да истражува, да прашува, да прима критики кои ќе го потикнат да се развива.

Трн: Како се менувала графичката сцена низ годините – дали новите генерации дизајнери имаат автентичен јазик или повеќе копираат формули?
Кардула: Секако графичката сцена се менува низ годините и тоа е нормално , доаѓаат нови генерации со нови погледи на работата, технолошкиот напредок секако диктира нови правци во дизајнот. За младите генерации дизајнери да имаат автентичен стил треба време и работа, автентичноста и свој стил ќе дојде со работа, без да приметат сами ќе се најдат во некој стил кој публиката ќе ги препознае. Тоа не се прави со сила, кога се растеретени од тоа и спремни на истражување и многу работа и ќе си го најдат свој автентичен стил.
Трн: Технолошкиот напредок ја олеснува работата, но дали ѝ штети на креативноста?
Кардула: Живееме во време кога технологијата многу побрзо се развива од тоа како сме ние спремни, и секако доста олеснува ако се користи правилно. Младите генерации многу потехнички се спремни од нас постарите што доста им олеснува изучувањето на програмите и сл. Но не смее да се дозволи комплетно де се потпрат на технологијата зошто така нема да можат да си изградат свој стил, таа финеса која технологијата колку и да е напредна не може да ја долови. Јас сум постарата генерација и тоа што сега го прави AI јас тоа на хартија или дирекно во илустратор сум ги правел. Тие комбинации и целиот тој процес беше истражување и уживање во исчекување на крајниот резултат. Е тоа чуство не може да се добие со вештачката интелегенција. Со оглед дека многу работам на шала кажувам дека сум побрз од вештачката интелегенција и немам причина да ја користам.

Трн: Кога би требало целото твое творештво да го сумираш во една боја – која би била таа и зошто?
Кардула: Бојата би била ЦРВЕНА, како бојата на револуцијата, на активизмот, на антифашизмот, на бојата на паднатата крв за слобода!