Зоран Карадула зад филм за олимписки сон што стигна на HBO и Prime Video

Документарецот „The Track / Стаза“ ја раскажува приказната за спортот, истрајноста и сенките на војната, со плакат потпишан од Зоран Кардула
Foto: Facebook, Zoran Caradula

Македонскиот дизајнер Зоран Кардула стои зад официјалниот плакат на документарниот филм „The Track“ („Стаза“), во режија на канадскиот автор Рајан Сидху , кој од почетокот на февруари е достапен на Prime Video, Kinema, а за балканската публика и на HBO.

Филмот ја следи емотивната и човечка приказна за тројца пријатели и нивниот тренер, обединети околу еден заеднички сон – настап на Олимписките игри. Нивниот пат кон спортскиот врв е прикажан низ години на напорна работа, разочарувања и надеж, но и низ историски контекст што силно го одбележа регионот.

Централно место во нарацијата имаат Зимските олимписки игри во Сараево 1984 – симбол на еден оптимистички момент во историјата, кој подоцна ќе биде засенет од војната и нејзините долготрајни последици. „The Track“ ја користи оваа временска линија за да покаже како спортот, соништата и личната истрајност опстојуваат дури и кога општеството се распаѓа.

Визуелниот идентитет на филмот, вклучувајќи го и плакатот на кој работеше Кардула, ја следи токму таа тензија меѓу движењето напред и тежината на минатото, патека што не води само кон целта, туку и низ колективната меморија.

„The Track / Стаза“ е повеќе од спортски документарец: тоа е филм за пријателство, време и истрајност, за олимпискиот идеал и за реалноста што го следи.

Филмот може да се гледа на Prime Video и Kinema, а од 1 февруари е достапен и на HBO за регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни