„Zootropolis 2“, познат и како „Zootopia 2“ во дел од светските дистрибуции, официјално стана најпрофитабилниот холивудски анимиран филм досега, откако на глобално ниво оствари заработка од 1,7 милијарди долари, објавува BBC.
Со тоа, филмот го надмина претходниот рекордер „Inside Out 2“, кој во 2024 година инкасираше 1,69 милијарди долари, и се искачи на деветтото место на листата на најуспешни филмови на сите времиња, веднаш зад мегахитовите како Avatar, Titanic и Avengers: Endgame.
Иако „Zootropolis 2“ постави нов холивудски рекорд, најуспешниот анимиран филм воопшто останува кинескиот „Ne Zha 2“, кој минатата година заработи импресивни 2,2 милијарди долари, најголемиот дел од нив на кинескиот пазар.
Филмот, кој премиерно беше прикажан во ноември, е реализиран со проценет буџет од 150 милиони долари, а претставува продолжение на анимираниот хит од 2016 година. Приказната повторно ја следи зајачката полицајка Џуди Хопс и лисицата Ник Вајлд, кои овојпат истражуваат мистерија поврзана со нов, неочекуван жител на Зутополис – рептилот Гери Д’Снејк.
Од студиото Disney истакнаа дека успехот е резултат на глобалната публика. „Оваа пресвртница, пред сè, им припаѓа на фановите ширум светот, чиј ентузијазам го направи ова можно,“ изјави ко-претседателот на Disney Entertainment, Алан Бергман, додавајќи дека филмот е „извонредно креативно достигнување“.
„Zootropolis 2“ претходно го имаше и најголемото отворање викенд за анимиран филм во историјата, за време на празникот Денот на благодарноста во САД, а подоцна стана и најбрзиот холивудски анимиран наслов што ја надмина границата од една милијарда долари глобална заработка.