Прогресивниот демократски социјалист и државен пратеник Зохран Мамдани прогласи победа во трката за демократска номинација за градоначалник на Њујорк, откако неговиот главен ривал Ендру Куомо неочекувано го призна поразот.
Во обраќање пред поддржувачите во вторникот навечер, 33-годишниот Мамдани изјави:
„Вечерва направивме историја. Јас ќе бидам вашиот демократски кандидат за градоначалник на Њујорк.“
По пребројани 93% од гласовите, Мамдани водеше со 43,5%, наспроти 36,4% за Куомо. Бидејќи ниту еден кандидат не освои апсолутно мнозинство, изборната комисија ќе го примени системот на гласање со рангирање на кандидати, со што се очекува дополнително зголемување на предноста на Мамдани.
Поддршка од младите и прогресивците
Мамдани, син на познатиот универзитетски професор Махмуд Мамдани и индиската режисерка Мира Наир, доби силна поддршка од младите гласачи, левичарските движења и влијателни политичари како Александрија Окасио-Кортез и Берни Сандерс.
Тој се кандидираше на јасно прогресивна платформа, вклучувајќи замрзнување на кириите и бесплатен автобуски превоз низ градот.
Во текот на кампањата, Мамдани склучи сојуз со Бред Лендер, кој заврши трет со 11,4% и чиј трансфер на гласови од втор избор веројатно ќе му даде дополнителен поттик.
„Заедно ја покажавме силата на политиката на иднината – политика на соработка и искреност“, рече Мамдани.
Куомо го призна поразот
Поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој своевремено имаше водство од 30 поени, изрази почит кон својот противкандидат.
„Вечерва е негова вечер. Тој заслужи. Победи. Го направи тоа паметно, силно и инспиративно – особено кај младите“, рече Куомо.
Сепак, тој остави отворена можност да се кандидира како независен кандидат во ноември, изјавувајќи за New York Times дека ќе ја разгледа опцијата во консултација со блиски соработници.
Големи пари против мала, но моќна база
Кампањата на Куомо беше финансирана од над 25 милиони долари надворешни средства, делумно од републикански донатори, и се потпираше на масовни медиумски напади против Мамдани. Наспроти тоа, Мамдани изгради силна теренска организација и масовна поддршка на социјалните мрежи.
Претстои втор круг со големи шанси за победа
Иако демократската номинација не гарантира победа на градоначалничките избори, во град каде што демократите силно доминираат, победата на Мамдани во ноември се смета за многу веројатна.
Актуелниот градоначалник Ерик Адамс, кој на овие избори се кандидира како независен, е длабоко непопуларен. Минатата година беше обвинет за мито и незаконско финансирање на кампањата, но обвиненијата беа повлечени во април.
„Ќе бидам градоначалник за сите Њујорчани – без разлика дали гласавте за мене, за гувернерот Куомо, или не гласавте воопшто поради разочараност од системот“, изјави Мамдани на крајот од своето обраќање.
Зохран Мамдани (33) е американски политичар, активист и демократски социјалист, кој на 25 јуни 2025 година прогласи победа на демократските предизбори за градоначалник на Њујорк. Со тоа тој стана првиот муслиман и еден од најмладите кандидати што се нашле на чекор до раководење со најголемиот американски град.
Потекло и рано детство
Мамдани е роден во Уганда и е син на Махмуд Мамдани, познат универзитетски професор по политички науки на Универзитетот Колумбија, и Мира Наир, светски позната индиска филмска режисерка. Детството го поминал во Кејп Таун, Јужна Африка, а потоа со семејството се преселил во Њујорк, каде што подоцна се етаблирал како гласен застапник за социјална правда.
Образование и активизам
Зохожан дипломирал на Универзитетот Веслиан, каде започнал да се ангажира во организации за права на мигранти и социјална еднаквост. Претставник е на новата генерација левичарски политичари поврзани со Democratic Socialists of America (DSA), каде што стана познат по своите пораки за хумано домување, транспорт и економска правда.
Во јавноста за првпат се прослави во 2021 година, кога учествуваше во 15-дневен штрајк со глад заедно со возачи на такси, барајќи отпишување на долговите што ги уништуваа нивните животи. Тоа му донесе национално внимание и го претвори во симбол на новата урбана левица.
Политичка кариера
Во 2020 година, Мамдани беше избран како пратеник во Њујоршкото собрание, каде што беше гласен критичар на полициската злоупотреба, кризата со домувањето и влијанието на големиот капитал врз политиката. Се залагаше за: Замрзнување на кириите, бесплатен автобуски превоз, зголемени даноци за најбогатите и инвестиции во јавни услуги и зелена инфраструктура.
Неговата градоначалничка кампања ја поддржаа неколку прогресивни фигури, меѓу кои Александрија Окасио-Кортез и Берни Сандерс, а доби и масовна поддршка меѓу гласачите под 40 години.
Мамдани отворено зборува за своето муслиманско потекло и имигрантско искуство, што му помогнало да изгради мостови со многу заедници низ Њујорк – од работнички квартови до верски малцинства.
Ако биде избран на изборите во ноември, Мамдани ќе стане првиот муслиман и еден од најмладите градоначалници во историјата на Њујорк, град со повеќе од 500.000 муслимани.